Што се однесува до листата на помилувани лица објавена во службен весник, можам да кажам дека при донесувањето на одлуката за помилување морало да се води сметка и за нејзината воспитна улога. За тоа требало да водат сметка Комисијата за помилување и претседателката. Значи треба да се води сметка за тоа како граѓаните (јавното мислење) ќе гледаат на таа одлука. Не смее да се дозволи граѓаните да сфатат дека можеш да направиш било какво кривично дело и да бидеш помилуван, вели во разговор за „Локално“, универзитетскиот професор и поранешен член на Комисија за помилување, Темелко Ристески за дел од лицата кои се најдоа на листата за помилување.
Според него, со оглед на реакциите на граѓаните по донесувањето на оваа одлука, очигледно не се водело сметка за воспитната улога на одлуката од аспект на генералната превенција на криминалитетот. Ристески е дециден дека дека Комисијата за помилување на претседателот има советодавна улога. Затоа тој може да го прифати нејзиното мислење, но и не мора. Едноставно, може да си одлучи по свое слободно уверување.
-Според законот за помилување (член 2) постапката за помилување се поведува по молба на осуденото лице или по службена должност. Во корист на осуденото лице молбата за помилување може да поднесат брачниот другар, роднина по крв во прва линија, брат, сестра, посвоител, посвоеник, хранител или старател. Постапката за помилување по службена должност ја поведува министерот за правда. Молбата за помилување се поднесува преку судот што ја донел одлуката во прв степен. Таа може да се поднесе по правосилноста на пресудата. По приемот на молбата Судот ги собира потребните податоци во однос на фактите наведени во молбата, а и други податоци потребни за одлучување по неа (за времето поминато на издржување на казната, за однесувањето на лицето во казнено поправната установа во текот на издржувањето на казната, неговата здравствена состојба, семејни прилики и сл.), објаснува соговорникот.
Откако ќе ги собере овие податоци, појаснува Ристески, Судот ја доставува молбата, со списите на предметот до Министерството за правда. Оттаму министерот за правда ја разгледува молбата и дава предлог до претседателот на републиката за уважување или неуважување на молбата.
-Министерството за правда потоа ја доставува молбата со списите на предметот до мретседателот на мепубликата. Кога молбата стигне кај претседателот, неа ја разгеледува Комисијата за помилување на Претседателот. Комисијата откако ќе ја разгледа молбата и сите списи доставени со неа на претседателот му дава свое мислење за тоа дали да се уважи молбата, односно предлогот на министерот за правда, или да не се уважи (ако даде мислење да се уважи мислењето може да биде осудениот делумно да се ослободи од понатамошното издржување на казната или пак (ако е при крај на издржувањето на казната) целосно да се ослободи. Може да даде мислење и одлуката да се услови, Претседателот да го ослободи сторителот од понатамошното издржување на казната под услов за време кое не може да биде пократко од една ниту подолго од пет години (за кое време за проверување не стори ново кривично дело), посочи членот на претходната Комисија за помилување која беше составена од екс-претседателот Стево Пендаровски.
Ристески наведува дека потоа Комисијата за помилување ги доставува молбите до претседателот кој ја донесува одлуката. При разгледувањето и одлучувањето по молбите, тој не е врзан за мислењето на Комисијата за помилување.
-Постапката за помилување е посебна управна постапка. Како и во секоја постапка, лицата кои учествуваат во неа даваат предлог, мислење или одлучуваат и тоа го прават по свое слободно уверување. Политиката не смее да има влијание на нивното мислење и одлучување, заклучува професорот.
Бура од реакции предизвика помилувањето на десеттемина осудени. Покрај екс-градоначалникот на Битола, помилувани се и неколкумина членови на криминални банди. Опозициската СДСМ бара претседателката Гордана Сиљановска-Давкова веднаш да ја повлече одлуката, но и министерот Игор Филков да каже дали од правда е дадено позитивно мислење за помилувањата.
-Помилувањето не смее да биде злоупотребено за политичка битка, порачаа од Министерството за правда. Комисијата за помилување пред себе мора да ги има фактите за делото врз кое е донесена осудителната одлука како и пропратните документи без да биде наведено име.
-Имајќи ја предвид процедурата за помилување, но и временската рамка кога е испратено мислењето од Министерството за правда, во време на предизборие, се добива впечатокот дека овој процес е злоупотребен. Воедно, и отворањето на детали од процедурата од опозицијата посочуваат токму на подметнување на кукавичко јајце во овој процес, велат од ресорот правда.
Во меѓувреме кратко траеше радоста на најконтроверзното име на листата на помилувани – Акиф Равманоски – еден од водачите на криминалната група „Барон“. На вратата од затворот „Идризово“ веднаш е уапсен, а судот го прифати предлогот на Обвинителството и му одреди 30-дневен притвор. Го сомничи за обид за убиство. Инцидентот за кој се товари Равманоски е од пред 10 дена. Во Чаир пукал од пиштол, со умисла да убие, но лицето го повредил во нога, а барутните честички на рацете на Равманоски потврдиле дека тој пукал, соопшти Јавното обвинителство.
Освен Равманоски кому затворската казна од една и пол година му беше заменета со условна, помилување доби и Шенол Маслани кој јавноста го поврзува со криминалното подземје во Скопје.
Н.П.