Народните избраници тешко се откажуваат од привилегиите. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески кој зема патни трошоци за секое доаѓање од Прилеп за потребите кога има работни обврски во Собранието, поседува недвижен имот во Скопје, поточно стан во населбата Кисела Вода. Ова го покажува анкетниот лист кој Ристески го доставил до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Во анкетните листови обично се пријавува имот, недвижен (куќи, станови, деловен простор, земјишта, овоштарници, итн.) и движен (автомобили, мотоцикли, накит, уметнички дела и сл.) коишто пратениците го водат на свое име или на име на своите најблиски членови на семејството, односно брачни другари, деца, родители, браќа и сестри.
Според објавеното на сајтот на ДКСК, пратеникот Ристески се стекнал со станот од 66 м2 во 2024 година.
Ристески е на удар на јавноста откако беше обвинет дека во 2024 година земал 14.300 евра, па многумина го нарекуваат рекордер по исплатени патни трошоци. Секако, патните трошоци се исплаќаат според закон кој веќе е донесен.
Пред два дена во телевизиска емисија, пратеникот беше запрашан за привилегиите, на што одговори дека досега не злоупотребил ниту денар.
-Јас сум пратеник од Прилеп и патувам секојдневно. Можам да кажам принципиелно дека можеби возам најмногу километри од пратениците, еден од најоддалечените градови. Во изминатата година имам најмногу патни трошоци и можам да кажам дека сум рекордер како што ме нарекуваат. Злоупотреби нема ниту денар ниту може да има. Патните трошоци се исплаќаат според закон, не е возможно бидејќи мора да поминеш со картичка на патарина, мора секој ден да патуваш за да приложиш патарини. Има закон по кој се исплаќаат патни трошоци како и за секој работник што оди на работно место и зема плата. Ние сме назначени функционери со мандат од четири години. За да дојдеш на работа во Скопје, ти се исплаќаат патни трошоци – јас тоа не сум го измислил, тоа е закон од претходно. Не се работи за баснословни суми. Едно доаѓање од Прилеп мене ме чини околу 3000 денари со возило и патарини – одење и враќање, а Собранието ни исплаќа околу 4500 денари во зависност од тоа колку е цената на горивото. Ставете тука ако еден нормален возач, сопственик на автомобил, менува гуми на неколку години, ние менуваме двапати годишно. Ако прави сервис на 3-4 години, ние правиме месечен сервис. Трошоци има многу и јас би кажал за мене, можеби ќе звучи неверојатно, ќе речат овој зборува глупости, но, ви кажувам дека јас сум на зијан бидејќи возам автомобил кој го купив 35 илјади евра. Сега да го продадам, за две години 140 илјади километри, дали ќе го продадам за 15 илјади евра…Ова е дефокус на партијата Левица. Сите доаѓаме од градови каде што сме луѓе со авторитет. Јас имам кариера претходно, сум стоматолог, со фамилија, семејство, ме знаат во Прилеп сум авторитет долги години, кажа меѓу другото Ристески во емисијата „Здраво Македонијо“.
Минатата недела, пратениците во Собранието не го поддржаа Законот за ограничување на нивните патни трошоци што го предложи Левица.