Ристевска Јорданова: ЕУ е избор на македонските граѓани, наспроти сите пречки и разочарувања

од Берта Китинска
293 прегледи

Европската Унија претставува концепт заснован на заедничките основни верувања и убедувања за слободата не само на континентот, туку глобално. И единствено ЕУ настојува и развива механизми за во практиката да ги спроведе овие вредности. Тоа воопшто не е лесна борба во услови кога автократизмот или она што сега се нарекува нелиберална демократија зема замав. Иако не сме членки на ЕУ, за нас ова не може да биде „туѓа битка“ , зошто ние не сме изолирани од политичките текови во ЕУ и воопшто на континентот, вели во разговор за „Локално“, д-р Малинка Ристевска Јорданова која е член на Управниот одбор на ЕПИ.

За тоа дали ЕУ е избор на граѓаните на Северна Македонија и покрај сите пречки, Ристевска Јорданова тврди дека „македонските граѓани тоа постојано го потврдуваат, наспроти сите пречки и разочарувања“.

Според нeа С.Македонија може да се снајде сама без меѓународниот фактор и ЕУ.

-Ако сме можеле да опстоиме како нација и да создадеме држава во многу потешки услови, да излеземе од распадот на поранешна Југославија без војна и да ги издржиме сите притисоци, сега го немаме комодитетот да бидеме безволни и да го ставаме на коцка она што го создавале генерации пред нас. Секако дека можеме, само не треба да чекаме некој друг да ни ги заврши работите, туку мора самите да ги завршиме, но „со ум“, како што кај нас се вели, подвлекува таа.

Ристевска Јорданова смета дека патот кон ЕУ ќе биде тежок можеби и уште потежок од сега.

-За тоа дали определбата ќе станува само декларативна, ќе зависи само нас.И тоа не од тоа колку отстапки ќе направиме, туку од тоа дали ќе создадеме подобро општество и дали ќе опстоиме доследно и единствено на достоинствени позиции во тој процес. Во оваа неволја има и можност за нас – да излеземе посилни од неа, вели таа.

Во врска со предвидувањата за тоа дека на нашата земја ќе и се потребни 10 години за интеграција во ЕУ, и за тоа дали треба поинаква „идеја“ за европска Македонија за повторно да не се појават изгубени генерации , Ристевска Јорданова смета дека „во голема заблуда сме “ако мислиме дека Европската унија ни ги создава идните генерации.

-Ако за „загубени генерации“ вината ја префламе само на Европската унија и – обратно, ако очекуваме Европската унија да ни ги создаде идните генерации – во голема заблуда сме. Треба промена на стратегијата и промена на начинот на кој се води политиката, а особено да се елиминира партискиот клиентелизам. Тоа нема да се случи без силен притисок од граѓаните, заснован на интегритет.

За тоа дали пораката на претседателот Пендаровски во врска со празнувањето на Денот на Европа: „Само со почитување на правото на самоопределување може да зборуваме за обединета Европа“ треба да биде нашата порака до ЕУ и конечна „црвена линија“, според неа таа е основна премиса и добра порака за празникот „и кон надвор и кон внатре“.

-Инаку, црвените линии се посложени, едноставно затоа што и барањата што ни се поставуваат се многу перфидни, а можните решенија кријат замки, вели таа.

Б.М.

Слични содржини