Ристевска Јорданова за барањето на ДУИ: Цинично од партија да бара некакво ресетирање која додека беше на власт ги имаше сите прерогативи и можеше да придонесе за функционирање на институциите

од Nikola Popovski
461 прегледи

Прво треба да се разбереме што поразбираат под ветинг. Ако подразбираат посебен процес на реизбор на функции, како во судството каков што имаше во Албанија, копија на тој процес не ни е потребна. Едноставно условите и приликите се многу различни. И меѓународните тела, како Венецијанската комисија, не го препорачуваат таквиот ветинг, освен во исклучителни околности, вели во разговор за „Локално“ поранешната директорка на Институтот за европска политика (ЕПИ) и експертка на полето на евроинтеграциите, Малинка Ристевска-Јорданова за повеќегодишното барање на ДУИ за ветинг на политичарите и избраните функционери во последните 30 години.

Ристевска Јорданова е децидна дека кај нас такви исклучителни околности нема, затоа што системите и нормите се воспоставени. Според неа, и да има потреба од промени (каква што секогаш има секаде), тоа не е примарната причина за проблемите.

-Примарната причина е во неспроведувањето на нормите, непочитувањето на институциите и во мешањето на извршната власт во судската власт, надвор и спротивно на сите воспоставени норми. Оттаму во најмала рака е цинично од партија која ги имала сите прерогативи во текот на долги години во власта и можела и те како да придонесе за функционирање на институциите, да бара некакво ресетирање, посочува експертката.

На прашањето дали ветинг само за високите функционери или за сите, Ристевска Јорданова укажува да се појде од самото значење на зборот ветинг кој во суштина значи проверка. Во државава има норми кој може и кој не може да биде на функција.

-Има и Стратегија за борба против корупцијата и Акциски план, кој ги идентификува ризиците од корупција и средствата за справување со нив. Не се спроведува, односно се спроведува многу малку. Зошто тие што биле на власт не ги спровеле? Прашање е на политичка волја и на интегритет тоа да се спроведе. Ова е клучен тест и за новата влада, образложува поранешната директорка на ЕПИ.

Соговорничката потенцира дека не ни е потребен специјален процес на ветинг и дека истото сто пати го повторија и меѓународните институции. Вели дека тие континуирано даваат поддршка и на воспоставувањето и на имплементацијата и на корекцијата на системите.

-Ветинг како во Албанија би бил враќање назад за државава и вртење во магичниот круг. Покрај тоа, го носи и ризикот од уште поголемо влијание на извршната власт во таков процес. Силен импулс за реформи ни е потребен, но најмногу за спроведувањето, и најнеопходна ни е реална борба да надвладее интегритетот, оценува Ристевска Јорданова и додава:

-Неприлично е за држава што догодина ќе одбележува 30-годишно членство од Советот на Европа, а со тоа и учество во сите негови форми и форуми кои се најважни за реформите во политичкиот систем, самата да си го девалвира капацитетот за реформи.

ДУИ бара меѓународен ветинг, ВМРО-ДПМНЕ: Партијата на Ахмети во очајни обиди да го скрие криминалот

ДУИ сè уште живее во меурот од сапуница создаден поради нивната корумпираност и нивните подложни на корупција партнери од СДСМ. Јасно е дека сакаат да си го кријат криминалот, но нема да успеат, велат во ВМРО-ДПМНЕ по објавата на премиерот Христијан Мицкоски дека ДУИ подготвува дестабилизација на државата.

-ДУИ и СДСМ прават маневар за да можат секоја постапка која би се отворила против член на нивното раководство да ја претстават како партиска пресметка, вели Марија Митева, портпаролка и пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.

ДУИ останува на ставот дека тие треба да се во власта и по одржаното централно претседателство велат дека ќе ги употребат сите демократски механизми за почитување на волјата на граѓаните.

-Инсистираат ветингот да се спроведе со меѓународно мониторирање за сите политичари во последните 30 години. Секое доцнење и одбивање само покажува дека гласноста за борбата против корупцијата е обид за прикривање на сопствената корупција, истакнаа од партијата од Мала Речица.

Н.П.

Слични содржини