Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, за барањето за покачување на минималецот на 500 евра, денеска изјави дека се додека не се постигне договор за зголемување на минималната плата во рамки на Економско-социјалниот совет (ЕСС), ќе важи постојната формула за нејзино пресметување.
Тој вели дека Владата ќе поддржи секаков договор, и за зголемување на минималната плата и за промена на формулата, но само ако има трипартитна согласност во ЕСС, од сите засегнати страни.
„Знаеме дека синдикатите секогаш настојуваат да се зголеми минималната плата, но еден од главните приоритети на Владата е подобрување на животниот стандард. Ние остануваме на она што секогаш го кажуваме транспарентно, договор да има во рамки на Економско-социјалниот совет каде постои и трипартитен дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и владините институции“,рече Ристески.
Тој додава дека Владата ќе го испочитува она што ќе го договорат работодавачите и синдикатите.
„Се додека не постои таков договор, има постоечка формула донесена со трипартитен договор и потпис од сите овие три страни во ЕСС и со пресметките од таа формула ќе има зголемување. Ќе каже формулата колкаво ќе биде зголемувањето во март 2026 година“,изјави Ристески одговорајќи на новинарски прашања по почетокот на Неделата на претприемништвото.
Според него, за да дојде до промена на формулата донесена со трипартитен договор, треба повторно да има интерес кај трите страни кои учествуваат во ЕСС.
„Ниту еден договор не треба да биде на штета ниту на работниците, ниту на економијата зашто имаме кревка економија и се тоа понатаму влијае врз животниот стандард, економскиот раст и БДП“,додаде заменик-министерот.