Посетата на Рајнхард Прибе на Скопје најавена за идната седмица, според експертите, ќе има за цел да ги раздвижи домашните институции. Универзитетскиот професор Темелко Ристевски смета дека тимот на Прибе ќе набљудува дали и што е исполнето во изминатите две години – во 2015-тата беше изготвен извештајот кој претставува своевидна мапа за рестартирање на државата со јасно наведени области за кои е потребна итна реформа.
Професорот Мерсел Билали не е оптимист дека препораките на Прибе ќе бидат целосно спроведени.
„Прибе и припаѓа на неполитичката структура, но е дел од експертската јавност. Тој повторно доаѓа за да покаже дека ситуацијата треба да се движи во насока на анимирање на институциите, значи на нивното заживување, бидејќи реално ние имаме партиско и лично функционирање на групата која замина. Неговата професионална моќ ќе биде сериозна порака за новата влада, за институциите, и јас во овој случај изразувам скептицизам за неколку структури за кои не гледам дека се многу подготвени за реформи. Новата влада треба да стартува од нула, во сегментот на правдата, судството, администрацијата, јавните претпријатија, надворешната политика“. – изјави Мерсел Билали, универзитетски професор
Во извештајот на Прибе препораките се насочени на 5 критични сектори – судството и обвинителството, спроведувањето на изборите, надворешната и независна контрола врз државните органи, потребата од реформи во безбедносните служби и состојбата во медиумите./АлсатМ