Обвинителката Ленче Ристоска се огласи во јавноста откако Владата ја поништи листата со тројца предложени кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, меѓу кои беше и таа. Ристоска информира дека од „Илинденска бр.2“ одбиваат да дадат појаснување за тоа кои критериуми не ги исполнуваат како кандидати, што е спротивно на препораките на Советот на Европа.
-Последниве два месеци имав укажувања дека треба да ја повлечам мојата кандидатура за судија во судот во Стразбур, а во исто време во јавноста се одвиваше и клеветничка кампања против мене. Затоа и потегот на Владата за неприфаќање на листата за мене беше очекуван, само формата како Владата ќе се обиде да ги прекрши процедурата и препораките на Совет на Европа за избор на кандидати за судии, но и насоките што самата Влада ги дала на Комисијата во решението за нејзино формирање беше неизвесна, оценува обвинителката и додава:
-Неиздржаноста на одлуката на Владата може да се насети од општата формулација за неприфаќање на листата, од нетранспарентноста и одбивањето да се дадат конкретни информации за критериумите кои наводно кандидатите не ги исполнуваат.
Според препораките на Советот на Европа, постапката мора да биде извесна и однапред пропишана, фер и транспарентна. При вакви услови сосема е нормално и прифатливо и да не сте најдобриот кандидат и да не ја добиете позицијата за која аплицирате.
Најповикани и најстручни да ги оценат кандидатите во рамки на националната селекција се Комисијата која беше формирана со оваа цел, како и советодавното тело на Советот на Европа, кои токму затоа се дел од процесот за предлагање на кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права, а Владата согласно препораките на Совет на Европа мора да го оправда секое отстапување од листата утврдена од Комисијата, порачува Ристоска во јавната објава.
На листата покрај Ристоска, се наоѓаа и судијката од Апелација, Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски.
Како причина за одбивањето се наведува дека кандидатите не ги исполнувале предвидените услови. Владата формира нова комисија со 5 члена, наместо претходните девет.
Во одлуката за формирање на комисијата е наведено дека предлогот за избор на тројца кандидати треба да биде доставен до Владата, по добивање мислење од советодавниот панел на експерти при Советот на Европа.