Легитимни се сите дипломатски активности, но не е легитимно ако се обидувате на тој начин да влијаете на политичката сцена и да се мешате во внатрешните работи на друга држава. Тоа е лош вкус. Ако бугарската официјална политика останува и понатаму на стојалиштето на екстремизмите, мислам не може да задобие пријатели кај македонскиот народ, вели претседателот на Интегра, Љупчо Ристовски.
Според него, Бугарија ако не придобие пријатели кај македонскиот народ, тогаш ништо нема да биде од Договорот за добрососедство и перспективите на двете држави.
-Често пати велам дека политиката не смее да се меша во историјата. Сосема е погрешна политиката на владата да и се даде толкав легитимитет на една Историска комисија. Ниту една држава не направила исчекор на меѓународната сцена со такви политики. Ако продолжат бугарските претставници да го негираат постоењето на македонскиот јазик и народ, нема никаква перспектива за пријателство и добрососедство. 100 години се конзистентни на своите екстремизми и се уште нема европски вредности. Библијата вели дека соседот е поблизок и од братот, рече Ристовски во емисијата „Само вистина“.