Ристовски: Со новите биометриски уреди никој нема да може да гласа два пати

од desk4

 

Секое избирачко место ќе има биометриски уред со кој ќе се врши идентификација на гласачите и во тој уред ќе бидат податоците за гласачите од тоа избирачко место, согласно избирачкиот список и отисоците од левиот и десниот показалец. Тоа гарантира дека никој не може да гласа два пати на едно избирачко место ниту пак да гласа за друг на друго избирачко место бидејќи уредот во вториот случај нема да го препознае отисокот, вели во разговор за „Локално“ Оливер Ристовски кој како член на ДИК доаѓа по предлог на СДСМ. Тој потсетува дека и на овие локaлани избори согласно членот 108 од Изборниот законик УВ – ламбата и спрејот нема да отидат во историјата, туку ќе се применуваат но, само по исклучок.

Ристовски ги отфра шпекулациите дека и на изборитe може да се случи „кражба“ на гласови, со оглед на тоа дека под нашето поднебје има многу „креативци“ кои изнаоѓаат начин нелегално да го зголемат бројот на граѓани кои наводно гласале за нив. Тој посочува дека врз основа на искуставата кои ги има компанијата која ги изработува апаратите и софтверот за истите ( ДЕРМАЛОГ гмбх од Хамбург – Германија), како и според добиените мислења од тимот во ДИК, а кој е компетентен во информатичка технолигија, не е возможно да има пропусти во работата на уредите за двојно гласање.

Ристовски за објавите во германски Велт дека фирмата Дермалог добивала договори за испорака на биометриска опрема, без тендери во неколку држави, за „Локално“ вели дека тендерсаката постапка во ДИК била спроведена во целост согласно законот за Јавни набавки и тендерската документација и избран бил најповолниот понудувач. Услугите согласно договорот се во траење од 60 месеци во кој период влегува гаранцијата и одржување на целокупната опрема независно колку изборни циклуси ќе бидат одржани во тој период.

Инаку тендерот за набавката на опремата чини 11 милиони евра, од кои три милиони евра треба да им бидат исплатени на две фирми кои се јавуваат како подизведувачи. Со него Македонија ќе добие 4.000 терминали за отисоци кои германски експерти ќе треба да ги монтираат и да ги поврзат со серверот во земјава. Тој процес е веќе започнат. Четворица инженери од Германија започнаа да ја инсталираат опремата. Таа ќе треба да се тестира и да се „наполни“ со сериски броеви – секој терминал ќе биде распореден за посебно избирачко место во земјава. Фирмите подизведувачи ќе треба да извршат обуки на над 70 илјади лица за користење на апаратите за отпечатоци.

До каде е целиот овој процес ?

-Покрај договорот за испорачување на 4000 уреди, ќе биде испорачана и целокупната техничка опрема што е потребна за непречено функционирање на самите уреди, скенери, термални принтери и сл. Дел од оваа опрема е пристигнат во ДИК и ставен во функција со помош на германските експерти, а околу 60 уреди кои ќе служат за обука како на лиценцираните обучувачи така и на избирачките одбори се спремни за оваа намена и од денес започнувчаат обуките согласно претходно подготвен план, вели Ристовски.

Тој е дециден дека хакерски упад во самите уреди е невозможен бидејќи истите се offline односно секој уред е затворен систем кој не е приклучен на интернет и можноста од таков напад е исклучена.

-Техничките проблеми се секогаш можни со било каква опрема, но тука е тимот од лица од IT област кој го формираше ДИК кој интензивно и ќе работи на денот на изборите за да не се случуваат вакви хакерски напади. ДИК спроведе јавна набавка и избра компанија која ќе се грижи за системот, web страната на ДИК и во секој момент постои Б варијанта односно разгледани се од нивана страна сите други опции за заштита од надворешни упади, вели Ристовски.

Ристовски посочува дека сеуште во ДИК не се знае точната пресметка за тоа колку пари ќе се потрошат од Буџетот за спроведување на локалните избори.

Но, сепак смета дека најмногу пари ќе отидат на набавката на биометриска идентификација на гласачот, како и печатењето на доверливиот материјал во кој спаѓаат избирачките ливчиња, избирачкиот список и сл. За тоа колку пари ќе добијат политичките партии за кампања во овие локални избори, тој вели дека на сите субјекти им следува по две евра од запишано лице во Избирачкиот список за медиумско рекламирање кои пари ДИК ги исплаќа на Радиодифузерите врз основа на претходно изготвени извештаи.

-Износот не е сеуште целосно дефиниран бидејќи согласно Роковникот не е затворен Избирачкиот список со конкретна бројка на запишани избирачи. Груба проценка е дека овој износ е околу 3.600.000 евра. Изборните подготовки се одиваат секојдневно во ДИК и во ОИК и сега за сега се оди со планот и утврдените рокови во Роковникот. Следно дејствие е затварањето на Избирачкиот список, а од 27.09.2021 година почнува и изборната кампања, вели Ристовски за „Локално“.

Б.Т.

Слични содржини