Министерството за спорт не е организатор на Европскиот младински олимписки фестивал ЕМОФ 2025, организатори на овој спортски фестивал што се одржува деновиве во Македонија се Македонскиот олимписки комитет (МОК) и Град Скопје. Сѐ што беше побарано од нас како Влада и како Министерство за спорт во однос на логистика и финансиска поддршка, го исполнивме во целост за да помогнеме во одржувањето на овој спортски настан, појасни министерот за спорт Борко Ристовски во вечерашното гостување во Дневникот на МТВ.
Во изминативе денови имаше бројни реакции околу пропустите во организацијата на овој голем спортски настан најчесто упатени на погрешна адреса.
– Јас сум свесен за реакциите, но мора сите луѓе и јавноста да знаат дека оваа организација е добиена пред две години и дека ниту тогашната ниту актуелната Влада нема потпишано никаква согласност дека ќе даде поддршка за одржување на вакво големо натпреварување од светски карактер во Македонија. Ние како Министерство за спорт сме затекнати во оваа ситуација и она што можевме да направиме беше да помогнеме во тоа што беше побарано од нас, рече Ристовски.