Како да му се даде поддршка на Ципрас поради договорот со Македонија, а да не се избламира Мицотакис? Со оваа дилема со која е соочена германската канцеларка Меркел во Грција, денеска се занимава германскиот печат, пренесува DW
Германската канцеларка и грчкиот премиер ги поврзува прагматизам. Притоа, идеолошката верност е помалку важна од одржувањето на власт, пишува денеска „Зиддојче цајтунг“, анализирајќи го патувањето на Меркел во Атина, каде таа треба да го „пофали Ципрас за историскиот пробив“ во спорот за името со Македонија. Во текстот со наслов „Ризично патување“, меѓу другото се вели:
„Тоа што Меркел уште на почетокот на годината патува во студената Атина, би требало да биде израз на признание за она што е направено. Притоа, веројатно ќе биде изразена и благодарност што Грција до денес го носи најголемиот товар од европскиот договор со Турција за бегалците… На Ципрас токму сега му е неопходна поддршка, зашто неговата владеачка коалиција е на чекор до распад. Нови избори, кои првично беа планирани за наесен, би можеле да се одржат мнгу порано. Тоа ја прави посетата на Меркел чувствителна, дотолку повеќе што најважната нејзина порака во Атина недвосмислено може да биде сфатена како предизборна помош. Имено, канцеларката ќе го пофали Ципрас за еден историски пробив – за договорот кој премиерот го постигна со македонскиот колега Зоран Заев. На грчките влади 26 години им недостигаше храброст да го пресечат јазолот околу спорот за името, додека политичарите во Скопје се цементираа во опасни митови. Договорот од Преспа, како што е наречена спогодбата, е надворешнополитички скапоцен камен, за кој Ципрас и Заев – двајцата на возраст од 44 години – сега се дури предложени и за Нобеловата награда за мир.
Меѓутоа, недостига благословот од грчкиот парламент. Него не го дава помалиот деснопопулистички коалиционен партнер на Ципрас, Независни Грци. А, гласовите кои недостигаат за историскиот договор не сака да ги даде ниту големата конзервативна опозициска партија Неа Демократија. Наместо тоа, конзервативците – кои ви вид го имаат својот добар рејтинг во анкетите – пливаат во националистички води и спречувањето на договорот го прогласија за ‘патриотска обврска“. Така во Грција, четврт век по Балканските војни, националистичката хистерија се предава на наредната генерација. Меркел сака да направи нешто против тоа, да му даде поддршка на Ципрас тогаш, кога другите сакаат да го соборат. Тоа до пред некоја година се сметаше за невозможно. на конзервативците, кои се всушност партнерот на Меркелината ЦДУ, тоа нема да им се допадне. Само, дали смелиот ангажман на канцеларката на лице место, во Атина, ќе биде од некаква полза? Грчките односи се повторно непредвидливи. Во петок длабоко раскараните коалициони партнери имаат уште една средба во Атина, каде можеби ќе се водат дури и разговори за развод. Меркел тогаш ќе биде штотуку отпатувана. Можеби и ова ризично патување на југ подоцна ќе најде место во мемоарите на Меркел под насловот: Јануари 2019, повторно проблеми со Грците.“
„Франкфуртер Рундшау“ исто така оценува дека мисијата на Меркел во Атина е чувствителна и дека на Ципрас му е потребна поддршка од Меркел, меѓу другото и за претстојното гласање во грчкиот парламент околу договорот со Македонија:
„Меркел за време на посетата на Атина ќе се заложи веројатно отворено за договорот (од Преспа, н.з.). Со тоа, меѓутоа, ќе се најде во дилема. На Меркел може да ѝ биде сеедно поради можниот семеен судир со Неа Демократија (и ЦДУ на Меркел и Неа Демократија се дел од Европската народна партија, н.з.). Конечно прашањето на Македонија е геополитичко. Тука семејните чувствителности мора да се потиснат. Но, грчките конзервативци важат за фаворити на претстојните парламентарни избори. Во анкетите Неа Демократија води со 10 проценти пред левичарскиот сојуз на Ципрас, СИРИЗА. Опозицискиот шеф Мицотакис, со кого Меркел има средба во петок, би можел да седне на премиерската фотелја на Ципрас. Ваквата констелација ја прави посетата на Меркел ‘чувствителна мисија’ – таа сака да се изјасни ‘за’ договорот со Македонија, меѓутоа не смее да го избламира идниот премиер Мицотакис.“