Родителите и децата го ставаат бојкотот во мирување: Се уште нема конечен договор за Законот за учебници

од Nikola Popovski
452 прегледи

Родителите од Фејсбук иницијативата „Учебници и настава мора да има“ денес соопштија дека бојкотот на наставата ќе биде ставен во мирување до одговорот на нивните барања. Ова е резултат на средбата со претставници на Министерството за образование и наука.

Драгана Спасевска по средбата, на која биле тројца претставници од МОН, но не и министерката Мила Царовска, изјави дека тие не биле компетентни за сите нивни барања и дека треба да бидат вклучени и претставници од Бирото за развој на образованието и од СОНК. Им било кажано, рече таа, дека откако ќе се консултураат со нив, одново ќе ги поканат од понеделник на средба. Дотогаш бојкотот го ставаат во мирување, но ќе протестираат доколку нема средба или не им се исполнат барањата.

Од оваа иницијатива претходниов период повикаа на бојкот на наставата, а нивните барања беа во новиот Закон за дигитализација на учебниците, хартиените задолжнително да останат во употреба во основното и средното образование, но меѓу нивните барања се и исклучување на сеопфатното родово сензитивно образование во основното образование, како и понатамошно останување на Етика на регилигиите како изборен предмет. 

Од МОН, пак, соопштија дека ги сослушале барањата на родителите што беа на средбата, но не отстапуваат од намерата за дигитализација на образовниот процес.

„Промените во основното образование ќе се случат, затоа што тоа не е самоиницијативна одлука на Министерството за образование и наука, туку е резултат на сеопфатни анализи на квалитетот на националниот образовен систем спроведени од кредибилни меѓународни организации. А, исто така, промените се и барање на наставниците и на многу генерации на ученици, но и потреба која што ја наметнува современиот свет и глобалните образовни трендови со кои Северна Македонија конечно мора да фати чекор и да ги следи“, велат од ресорното Министерство.

Од минатата недела започна бојкот во некои училишта за да се стопира постапката за донесување на Предлог-законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование.

Слични содржини