Родителите на загинатите од Кочани ги прекинуваат секојдневните блокади, но продолжуваат со маршевите

„Ние, родителите и семејствата на починатите деца, соопштуваме дека со големо внимание ќе го следиме судскиот процес, со единствена цел – да се открие вистината и да се обезбеди правдата за младите животи што беа изгубени во трагедијата што засекогаш го промени нашето општество“, велат од Здружението на граѓани „16 март 2025“

од Nikola Popovski
13 прегледи

„Ние, родителите и семејствата на починатите деца, соопштуваме дека со големо внимание ќе го следиме судскиот процес, со единствена цел – да се открие вистината и да се обезбеди правдата за младите животи што беа изгубени во трагедијата што засекогаш го промени нашето општество“, велат од Здружението на граѓани „16 март 2025“ откако денеска беше обелоденето кога ќе стартура судскиот процес за големата трагедија во Кочани.

Родителите и роднините на загинатите очекуваат фер, транспарентен и непристрасен процес, во кој секој што има одговорност ќе ја понесе.

-Нашата болка е вечна, но нашата борба е и за сите идни генерации – никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија. Бараат јавноста, медиумите и институциите да го следат овој процес со должно внимание, бидејќи ова не е само судење за еден пожар – ова е судење за човечноста, совеста и одговорноста. Воедно, Ве известуваме дека, бидејќи добивме датуми за рочишта, секојдневните блокади ќе бидат привремено прекинати, но со Маршевите продолжуваме секоја сабота – како симбол на нашата упорност и борба за вистината, стои во соопштението на Здружението.

Главната расправа за предметот поврзан со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, е закажана за 19-ти ноември во судницата на Казнено-поправната установа „Идризово“, соопштија од Основниот кривичен суд Скопје. Случајот е распределен на понатамошно постапување кај судијката Диана Груевска Илиевска.

Заради ефикасно и економично постапување, определени се повеќе термини за главна расправа односно 25.11.2025 год., 26.11.2025 год., 2.12.2025 год., 4.12.2025 год., 10.12.2025 год. и 11.12.2025 год., а по отпочнување на расправата ќе се усогласат и дополнителни термини.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ се случи на 16-ти март 2025 година, а во трагедијата животот го загубија 63 лица, а околу 200 млади беа повредени.

Слични содржини