Родителите на загинатите во „Пулс“ демантираат дека барале откажување на новогодишната прослава во Кочани

„Апелираме поврзувањето на нашите семејства со одлуки за прослави или украсување да престане, затоа што ваквите недоразбирања ненамерно создаваат дополнителна болка во период кој и онака е тежок за нас“, се вели во соопштението од Здружението на граѓани „16-ти март 2025“

од Nikola Popovski
5 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/Радио Кочани

Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“, во име на родителите на трагично загинатите деца во дискотеката „Пулс“, упати јавно соопштение во кое остро ги демантира шпекулациите дека семејствата побарале откажување или намалување на новогодишните активности во Кочани.

Во последните денови во градот се појавија информации дека Новогодишната прослава и празничното украсување ќе бидат сведени на минимум поради, наводно, барања од семејствата на жртвите. Од здружението појаснуваат дека таквите тврдења се „целосно неточни“.

„Никогаш не сме побарале, ниту пак сме сугерирале откажување или ограничување на празничните активности. Не сме поставиле никакво барање поврзано со украсувањето на градот“, стои во соопштението.

Родителите велат дека со разбирање ја поддржуваат секоја иницијатива за достоинствено одбележување на новогодишните и божиќните празници, нагласувајќи дека прославите и украсите секогаш биле во надлежност на Општина Кочани.

„Ваквите недоразбирања ненамерно создаваат дополнителна болка во веќе тежок период“, додаваат од здружението, апелирајќи до јавноста да не подлегнува на дезинформации, а до институциите и јавните чинители – да бидат внимателни при изнесување информации поврзани со трагедијата.

Во завршницата од соопштението, родителите повторуваат дека нивниот фокус останува на „правда, одговорност и поголема безбедност за сите млади, за ваква трагедија никогаш повеќе да не се повтори“.