Родителите од Кочани: Гледаме обвинети за „Пулс“ кои од здрави стануваат болни и доставуваат медицинска документација

Родителите на починатите реагираат на динамиката во закажувањето на рочиштата од судењето за пожарот во „Пулс“ и бараат судиите и обвинителите да си стојат на ветениот збор

од Nikola Popovski
21 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук/Радио Кочани

Родителите на починатите млади од Кочани реагираат на динамиката во закажувањето на рочиштата од судењето за пожарот во Пулс. Таткото на загинатата Надица Наунова, Александар Наунов ги потсети судиите и обвинителите дека добиле гласни ветувања дека ќе има две рочишта неделно и дека строго ќе се контролираат лекарските оправдувања на обвинетите. По денешниот „Марш за ангелите“, Наунов прашува каде се денес тие ветувања, со оглед дека во јануари се одржало само едно рочиште, а во февруари две.

-Токму затоа прашуваме каде е ветената динамика. Гледаме обвинети кои од здрави стануваат болни и доставуваат медицинска документација за која ние не знаеме дали е основана или не. Слушаме информации за привилегии – кај првоосомничениот му е пронајден телефон во ќелија и се завршило со опомена. Се поставува прашањето дали се врши редовна контрола во притворот, што се случува со телефоните на првосомничениот – дали од нив е извлечена целата комуникација. Бараме одговори и тоа веднаш, рече Наунов.

Таткото праша како се поставува со лицата кои даваат лажни сведочења во однос на еден од сведоците во процесот.

-За оние кои тврдат дека „Пулс“ е толку климаво поставен што ќе падне, нека запомнат нешто – по тие скали не лежат предмети, бројка, статистика. По тие скали лежат 63 млади животи, 63 светови кои згаснаа за миг. 63 семејства кои никогаш нема да бидат цели. Ние немавме деца за давање. Тие беа наша фамилија. Тоа не се имиња на лист хартија. Тоа се свети имиња. Слушнавме што ветивте и сега внимателно гледаме што правите. Порачуваме јасно, ако ветивте динамика, испорачајте. Нашето трпение е при крај. Ќе следиме, ќе прашуваме, ќе зборуваме. Мора да има правда за „Пулс“, кажа родителот.