Родителите од Кочани: Кога и самиот премиер призна дека се работи за масовно убиство и дека нема да има милост — тогаш е време сите институции да престанат со калкулации и одложувања

Обвинетите, велат од „Здружението на граѓани 16 март 2025“, ги нарекуваме убијци не затоа што сакаме крути, жестоки зборови, туку затоа што тоа е фактот: нивните постапки, нивната невнимателност, нивната ароганција и нивната корупција доведоа до смрт

од Nikola Popovski
28 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

„На 19 ноември почнува судењето. За нас, родителите кои го изгубивме најголемото богатство — своите деца — тоа не е само датум во календарот. Тоа е ден на сметка, ден кога правдата треба да проговори гласно и без прикривање. Но парче хартија, зборови на обвинител и удари со чекан не можат да го вратат она што ни беше одземено: смеењето што стивна, иднините што не се остварија, празнината што не може да се пополни“, порачаа од Здружението на граѓани „16 март 2025“ за судењето за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“.

Обвинетите, велат оттаму, ги нарекуваме убијци не затоа што сакаме крути, жестоки зборови, туку затоа што тоа е фактот: нивните постапки, нивната невнимателност, нивната ароганција и нивната корупција доведоа до смрт.

-Што е уште похладно — многу од нив сè уште не покажуваат ни трага од жал, ни капка вистинска грижа, ни тон на сочувство. Нивните очи, нивните изјави, нивниот однос кон нас — родителите кои останавме да живееме со оган во градите — сведочат за една страшна празнина: немост пред човечката болка. Кажуваат дека под законот сите се невини додека не се докаже спротивното. Ние тоа го разбираме. Но како да ја зачекаме таа правна формула кога ни се закануваат, кога ни ги плашат, кога ни ги газат сеќавањата? Како да бидеме мирни кога обвинетите не ни се извинуваат, кога институциите што требаше да не заштитат покажуваат пукнатини и празнини? Ние бараме повеќе од формална пресуда — бараме вистина, бараме објаснување, бараме одговорност, порачуваат меѓу другото родителите од Кочани.

Здружението исто така порача дека „кога и самиот премиер јавно призна дека се работи за масовно убиство и дека нема да има милост — тогаш е време сите институции да престанат со калкулации и одложувања“.

-Доста е молк. Доста е игра со болката на народот и со споменот на нашите деца. И доста е со јавниот линч врз родителите. Наместо да ги напаѓате тие што изгубија сè, погледнете ги оние што ја создадоа оваа трагедија! Масовно убиство не се прикрива. Не се релативизира и не се заборава, стои меѓу другото во ставот на родителите од Кочани.