Семејствата и родителите на починатите во пожарот во клубот „Пулс“ денеска доставија писмен допис до Основното јавно обвинителство во Кочани, со кој бараат непосредна средба со обвинителите.
Барањето доаѓа по минатонеделното образложение на обвинителниот акт за трагедијата кое го даде јавниот обвинтел Љупчо Коцевски, а за што на саботниот „Марш за ангелите“ родителите нагласија дека не ги разбрале наводите. Дел од родителите информираа дека ја добиле информацијата дека од Обвинителството се подготвени да се сретнат со нив. Дополнително ќе појаснат за можниот термин за средбата.
-Сметаме дека е од суштинско значење, ОЈО во Кочани конечно и целосно да не запознае со исходот од истражната постапка, како и со содржината на обвинителниот акт – кои физички и правни лица се опфатени, против кого се води постапката, а кои се изземени од одговорност, за да можеме да ги отстраниме сите дилеми кои се јавуваат кај нас со спроведената постапка. Неприфатливо е за нас како родители да добиваме информации преку медиуми или неофицијални канали. Очекуваме транспарентност и директна комуникација од надлежните институции. Посебно загрижува фактот што и покрај нашите укажувања и конкретни наводи, одредени лица не се повикани ниту на распит. Нашето барање официјално ќе ви го доставиме во понеделник, рече меѓу другото во саботата, Марија Петрушева, мајка на Андреј Панов кој загина во кочанската дискотека.
Родителите побараа поддршка за следење на целата постапка и од Коалицијата за правично судење и од Транспаренси Македонија.