Родителите на загинатите во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани направија човечки ѕид пред болницата и не дозволуваат телата на нивните деца да бидат пренесени во Скопје на обдукција.
Во трагедијата што се случи рано утринава, кога избувна пожар во клуб, животот го загубија најмалку 59 лица на возраст од 14 до 26 години, повеќето од Кочани.
Родителите се револтирани бидејќи цел ден чекаат пред болницата. Тие бараат веднаш да им бидат предадени телата на нивните најблиски за да можат да ги подготват за погреб.
„Целиот свет разбра зошто умреле и како умреле. Зошто уште седиме овде? Не се откажуваме од децата! велат родителите.
Пред болницата беше зголемено полициското обезбедување, а од Скопје пристигна и обвинител за да ја објасни постапката.
Неколку родители отидоа да разговараат со претставници на институциите за да се договорат за понатамошните чекори.