Родителот кој нападна две деца на фудбалски натпревар побара судот да му обезбеди превод на албански јазик

Одложено судското рочиште за родителот кој нападна двајца 15-годишни фудбалери во Штип

од Nikola Popovski
145 прегледи

Во штипскиот Основен суд денеска требаше да започне судењето на 43 годишниот родител, кој физичка нападна двајца малолетни фудбалери на натпреварот меѓу „Шкупи“ и „Брегалница“, но се одложи, бидејќи неговиот бранител побара судот да му обезбеди превод на албански јазик на обвинителниот предлог, но и симултан превод во текот на судскиот процес. Судскиот процес продолжува на 29 септември.

Основното јавно обвинителство во Штип, покрена и обвинителен предлог против 43 годишниот родител, за кривично дело-Насилство, што се случи на игралиштето „Бело Брдо” на 24 август.

Инцидентот се случил во 89. минута од натпреварот, кога судијата поради прекршок му доделил втор жолт картон и го исклучил од игра синот на осомничениот, кој е играч на Шкупи. Незадоволен од одлуката тој почнал да се однесува неспортски и со тупаници и удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на Брегалница. Потоа на терен влегол неговиот татко и со тупаници и клоци почнал да удира две деца, фудбалери на Брегалница, нанесувајќи им телесни повреди, како набиеници и скршеница на нос без дислокација.

Родителот, како што рекоа вчера од Министерството за внатрешни работи (МВР), бил уапсен од полициски службеници од Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип, а двајцата малолетници биле пренесени во Клиничката болница во Штип за укажување помош.

По инцидентот имаше реакции и осуда за истиот од страна на Фудбалската федерација на Македонија и Фудбалскиот клуб Брегалница.