Ројтерс денес ја објави содржината на документ за сет предлози за тоа како да се стави крај на војната во Украина што украинските и европските претставници го предадоа на американската страна за време на разговорите во Лондон во среда. Како и документ за сет предлози за ставање крај на војната во Украина што американскиот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, им го презентираше на европските претставници за време на разговорите во Париз на 17 април.
Документот за сет предлози што украинските и европските претставници го предадоа на американската страна за време на разговорите во Лондон во среда, кој Ројтерс го видел, наведува посветеност на целосно и безусловно прекин на огнот во воздух, на копно и на море. Двете страни веднаш ќе започнат преговори за техничка имплементација со учество на САД и европските земји, паралелно со подготовката на агендата и модалитетите за целосен мировен договор.
Мониторингот на прекинот на огнот го предводат САД и го поддржуваат трети земји, Русија мора безусловно да ги врати сите депортирани и нелегално раселени украински деца, размена на сите воени заробеници се спроведува врз принципот „сите за сите“ и Русија мора да ги ослободи сите цивилни затвореници, се наведува во документот. Украина добива силни безбедносни гаранции, вклучително и од САД, сè додека не се постигне консензус меѓу сојузниците за членство во НАТО, се наведува во текстот, додавајќи дека нема ограничувања за украинските одбранбени сили.
Државите гаранти ќе бидат „ad hoc“ група од европски земји и земји кои се подготвени да не бидат од Европа, нема ограничувања за присуството, вооружувањето и операциите на пријателските странски сили на територијата на Украина, која се стреми да се приклучи кон ЕУ, се наведува во документот.
Територијалните прашања ќе бидат разгледани и решени по целосно и безусловно прекин на огнот, а територијалните преговори ќе започнат од линијата на контрола. Покрај тоа, Украина ја враќа контролата врз нуклеарната централа Запорожје со учество на САД, како и врз браната Каховка, и ужива непречен премин по реката Днепар и контрола врз превојот Кинбурн.
Во текстот, исто така, се наведува дека САД и Украина спроведуваат договор за економска соработка и минерали. Украина, се додава, ќе биде целосно обновена и ќе ѝ биде обезбедена финансиска компензација, вклучително и преку руски суверени средства кои ќе останат замрзнати додека Русија не ја компензира штетата на Украина.
Санкциите на САД воведени врз Русија од 2014 година би можеле постепено да се ублажат откако ќе се постигне одржлив мир и би можеле да се обноват доколку мировниот договор биде прекршен, се вели во документот. Текстот на пакет предлози за прекин на војната во Украина што американскиот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, им го презентираше на европските претставници за време на разговорите во Париз на 17 април, исто така виден од Ројтерс, вели дека двете страни веднаш ќе започнат разговори за техничка имплементација. Украина би добила силна безбедносна гаранција, при што државите гаранти би биле ad hoc група европски држави плус држави кои се подготвени да не бидат европски. Според документот, Украина нема да бара членство во НАТО, но би можела да бара членство во ЕУ.
САД де факто ја признаваат руската контрола врз Крим, САД де факто ја признаваат руската контрола врз Луганск, САД де факто признаваат делови од Запорожје, Донецк и Херсон под руска контрола, а на Украина ѝ се враќа територија во Харковскиот регион, се наведува во документот.
Украина ја презема контролата врз нуклеарната централа Запорожје преку контрола и управување со централата од САД, со дистрибуција на електрична енергија до двете страни, како и браната Каховка и ужива непречен премин по реката Днепар и контрола врз превојот Кинбурн.
САД и Украина ќе спроведат договор за економска соработка и минерали, Украина ќе биде целосно обновена и ќе добие финансиска компензација, санкциите против Русија што произлегоа од конфликтот во 2014 година ќе бидат укинати, а ќе се одвива и американско-руска економска соработка во енергетскиот и другите индустриски сектори, се наведува во документот, пренесува Танјуг.