Германскиот министер за Европа Михаил Рот денес се огласи на својот Твитер профил по повод министерскиот Совет и побара да се исполнат обврските кон С. Македонија и Албанија.
„Ве молам, нека билатералните прашања се третираат билатерално, без да се блокира целата Европска унија да се движи напред. Да размислиме стратешки и да сфатиме. Треба сега да ги исполниме нашите обврски кон Албанија и Северна Македонија. Немаме интерес да се остави стратешки вакуум. Ви благодарам“, стои во твитот на Рот.
Утрово во Луксембург се собраа министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, првпат со физичко присуство по олеснувањето на анти-ковид мерките, но сепак Бугарија не попушта за Северна Македонија во однос на стартот на пристапните преговори.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи денес изјави дека можноста да се добие почеток на преговори за членство на 24 и 25 јуни на Самитот на лидери на ЕУ е теоретска.
„Бугарија има комплексни политички услови и контекст, и единствено претседателот на државата има целосен политички мандат и можност да се повлече ветото“, додаде Османи.