Актуелно
Почетна / TOP NEWS / Ротаријанците со 1,4 милиони денари лични донации за поддршка на јавното здравство

Ротаријанците со 1,4 милиони денари лични донации за поддршка на јавното здравство

Сојузот на Ротари клубовите на Република Северна Македонија донира опрема и финансиски средства како поддршка на здравствениот систем во борбата против Covid-19.

Најновата од низата донации се состои од медицинска опрема и материјали и тоа: четири монитори за пациенти, 15 пулсоксиметри, 100 заштитни визири, 1000 заштитни маски KN95-A за медицинскиот персонал и 200 крпи. Вредноста на оваа опрема и материјали изнесува над 1,4 милиони денари кои се собрани како лични донации од членовите на Ротари клубовите. Донираната опрема и материјали се веќе испорачани во здравствените установи.

Вкупната вредност на досега донираната опрема и финансиски средства собрани од страна на Ротари клубовите ширум земјата, наменети како поддршка на здравствените установи, надминува 40 илјади евра.

„Борбата против болестите е една од главните области на делување на ротаријанците ширум светот. Во овие моменти кога нашата земја и целиот свет се соочува со огромен предизвик како што е пандемијата од корона вирусот, неопходно е да ги здружиме сите расположливи сили и да помогнеме онаму каде што е најнеопходно, а тоа секако се здравствениот систем, медицинскиот персонал и пациентите. Како индивидуи, но и како Сојуз на ротари клубови ќе направиме се што е во наша моќ и понатаму да му помагаме на здравствениот систем и на нашата земја, заеднички да излеземе како победници од оваа криза“, истакна Никола Петкоски, координатор на Сојузот на Ротари клубови на Северна Македонија.

Повеќе од 110 години членовите на Ротари движењето од цел свет се ангажираат во промовирање на мирот, борбата против болестите, обезбедување на чиста вода, санитација и хигиена, поддршка на мајките и децата, поддршка на образованието, раст на националните економии и во други области кои се имаат големо значење за човештвото.

Активностите се спроведуваат преку 35.000 Ротари клубови ширум светот. Во нашата земја делуваат 20 Ротари клубови кои обезбедуваат активна и континуирана поддршка во различни општествени области.

loading...