Ровер на НАСА сними џиновски вртлог од прашина на Марс (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska

Роверот на НАСА „Perseverance“ сними ретка глетка на тлото на Марс на која се гледа огромен вртлог од прашина кој се движи со голема брзина на хоризонтот.

Ова торнадо, пишува Националната вселенска агенција на САД, е поголемо од просечното торнадо кое се јавува на нашата планета и пет пати поголемо од Емпајер Стејт Билдинг.

Роверот ја снимил оваа бура на 30 август, на 899-тиот сол, или марсовски ден, од неговата мисија на Црвената планета.

Снимката направена од роверот трае 87 секунди, а лабораторијата „JPL“ ја сподели во забавена верзија на социјалните мрежи.

„Не можете да го видите врвот на овој вртлог, но сенката што ја фрла ни дава идеја за неговата висина“, се вели во официјалното соопштение на Марк Лемон, планетарен научник во Институтот за космологија во Болдер (Колорадо) и член на научниот тим „Perseverance“.

 

„Неговата сенка покажува дека е висок околу два километри“, наведе тој.

Вртлози на прашина се формираат кога надојдениот топол воздух се меша со опаѓачките столбови на постуден воздух.

Во една студија објавена во 2018 година во научното списание „Икарус“, истражувачите процениле дека секој ден на Марс, во просек, се случува еден таков вртлог на квадратен километар од површината на Црвената планета, односно повеќе од 145 милиони дневно. Ова е причината зошто овие вртлози се главниот начин за преобликување на почвата.

Слични содржини