Статистичките податоци покажуваат дека во летниот период, односно во летните месеци, доаѓа до речиси двојно зголемување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди во однос на останатите месеци од годината. Дополнително ризикот се зголемува кога станува збор за празници односно за продолжен викенд во сезона на годишни одмори, а токму такви се деновите кои доаѓаат.
Токму затоа, РСБСП со апел за одговорно учество во сообраќајот и со потсетување на возачите за дел од правила и прописи кои не само што треба да ги познаваат, туку и редовно треба да ги почитуваат:
1.Возачот секогаш е должен да ја прилагоди брзината според условите во кои се одвива сообраќајот и според состојбата на патот.
Брзината на движење, на патиштата во Република Северна Македонија е ограничена и тоа:
-130 км/час на автопат
-110 км/час на пат резервиран за моторни возила
– 90 км/час на останатите патишта
Најголема дозволена брзина во населено место е 50 км/час.
Непочитувањето на оваа законска одредба во зависност од големината на пречекорувањето се санкционира со парична глоба од 10 до 400 ЕУР.
2. Во Република Северна Македонија, користењето сигурносен појас во возилото е задолжително не само за возачот, туку и за лицата кои се превезуваат во возилото. Употребата на појасот е задолжителна за патниците на сите седишта кај кои фабрички е вграден сигурносен појас.
За непочитување на оваа законска обврска предвидена е парична глоба во износ од 40 ЕУР за возачот, односно 50 ЕУР за лицата кои се превезуваат во возилото.
3. Дозволено количество алкохол во крвта кај возачите изнесува 0,5 промили. Кај професионалните возачи и возачите почетници не е дозволено никакво количество алкохол во крвта (0,0 промили).
Глобата за непочитување на оваа законска обврска изнесува од 225 до 375 ЕУР.
4. На предното седиште во возилото не смее да се превезуваат деца до 12 годишна возраст и лица кои се под дејство на алкохол.
За непочитување на оваа одредба од Законот, предвидена е парична глоба во износ од 35 ЕУР.
5. Возачот додека го управува возилото не смее да користи мобилен телефон.
За непочитување на оваа законска одредба предвидена е парична глоба во износ од 40 ЕУР.
6. Дете помало од 5 (пет) години, на задното седиште од возилото, смее да се превезува, во поставено посебно детско седиште, кое за седиштето од возилото е прицврстено со сигурносен појас или на друг соодветен начин.
На предното седиште од возилото смее да се превезува дете до 2 (две) години, ако возилото нема заштитно воздушно перниче или ако воздушното заштитно перниче е исклучено и ако детето се превезува во посебно детско седиште поставено спротивно од правецот на движење на возилото, при што истото е прицврстено на седиштето на возилото со помош на сигурносен појас со три точки на поврзување.
За непочитување на оваа законска одредба предвидена е парична глоба во износ од 35 ЕУР.
РСБСП потсетува дека како последица на неодговорното учество во сообраќајот, изминатата година во Република Северна Македонија, 132 лица го загубија животот во сообраќајни незгоди, а 5164 лица беа повредени.
Во првите 6 месеци од 2020 година, 43 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди, а околу 2500 лица се повредени.
Согласно тоа, РСБСП со апел: Бидете одговорни учесници во сообраќајот, секогаш и секаде, почитувајте ги сообраќајните правила и прописи. Безбедноста на прво место!