1 мај – меѓународниот ден на трудот, се празнува ширум светот а традициолнално се празнува и кај нас. Овој празничен ден најчесто се користи за патување, излети во природа и дружење со семејствата и пријателите. Пандемијата со Covid 19, забраната за собирање во поголеми групи, препораките за социјална дистанца и делумното ограничување на движењето, оваа година ќе остават своја трага и ќе влијаат на тоа како ќе се прослави и како ќе се однесуваат граѓаните на овој празничен ден.
Голем дел од граѓаните оваа година ќе останат во своите домови, а еден дел секако ќе ја искористат оваа празнична можност да отпатуваат кај своите блиски, во викенд куќи, во планина, на езеро,…. За голем дел од граѓаните оваа ќе биде можност да се излезе од изолација, можност да се „земе“ свеж воздух, да се наполнат со нова енергија, оптимизам, нови сили, идеи, визии,… Секако дека оваа ситуација е добредојдена и препорачена во овие моменти.
Во овие моменти важно е да се знае, да се задржи здравиот разум и одговорноста, да се почитуваат сите препораки на здравствените институции и надлежните органи со цел заштита од понатамошно ширење на вирусот. Доброто празнично расположение треба да остане, да биде присутно и да продолжи и после празниците.
За да биде тоа така, покрај почитување на препораките за заштита од ширење на вирусот, особено важно е внимателно и одговорно да се учество во сообраќајот. Искуствата од минатите години загрижуваат, а загрижува и фактот што и покрај тоа што интензитетот на сообраќајот е значително намален, во последниот период се случија неколку сообраќајни незгоди со загинати и тешко повредени лица.
Согласно тоа, а по повод првомајските празници, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, до сите учесници во сообраќајот, апелира:
-возете одговорно и почитувајте ги сообраќајните правила и прописи
– почитувајте ја поставената сообраќајна сигнализација,
-не управувајте со моторно возило ако сте под дејство на алкохол,
– почитувајте ги правилата за ограничување на брзината
РСБСП посебен апел упатува до младите возачи, како најранлива категорија учесници во сообраќајот, трезвено и одговорно да учествуваат во сообраќајот бидејќи само така ќе пристигнат безбедно на саканата десинација. Совесното учество во сообраќајот е одраз на одговорни и стабилни лица и затоа РСБСП уште еднаш апелира за одговорно и внимателно учество во сообраќајот бидејки последиците и загубите од сообраќајните незгоди се фатални, трајни и ненадоместливи.
Безбедното одвивање на сообраќајот зависи од сите нас поединечно, од нашите лични одлуки и дејствија кои ги преземаме. Затоа, мислете на време. Да не се каете за последиците, бидете одговорни учесници во сообраќајот. Внимателно и одговорно учество во сообраќајот, внимателно возење е основен предуслов за безбедни празнични денови.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ви посакува безбедни празници.