За да ги исполни целите од зелената агенда, Европската Унија засилено ќе започне да го поддржува рударството на континентот. Во фокус се т.н. критични минерални суровини, без кои не би можеле да се произведат електрични автомобили, да се создадат фотонапонски централи или пак ветерници. Воедно, целта е ниту еден надворешен глобален играч, како што се Кина и Русија, да не ја снабдува Унијата со повеќе од 65% од неопходните руди.
Меѓу 16-те критични минерали ЕУ ги вбројува литиумот, бакарот, кобалтот, титаниумот и други. Европскиот Парламент минатиот месец ја усвои директивата за критични суровини со 543 гласови „за“, само 43 „против“ и 24 воздржани. Со неа се предвидува значително намалување на роковите за издавање дозволи за експлоатација на руда, а се очекува да стапи во сила оваа пролет, откако текстот ќе биде потврден на Самитот на ЕУ закажан во март.
– Започна трката во која ќе доминираме со технологијата со чиста енергија во иднина – истакна неодамна претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен.
Директивата доби зелено светло и од екологистите што ја поддржуваат Зелената агенда на Унијата до 2050 година, но и од стопанските комори на ниво на ЕУ, кои го истакнуваат економското значење.
– Директивата за критични суровини е важен прв чекор за надминување на предизвикот за снабдување со метали во Европа. Ова е почеток на многу поголема промена на политиката за навистина да се поттикнат инвестициите во ЕУ – изјави Евангелос Митилинеос, претседател на трговската асоцијација Eurometaux.
Целиот текст на следниот линк!