Румен Радев: Македонија избра нова перспектива

од Vladimir Zorba
122 прегледи

  Позиција што ја зазеде македонското раководство беше пресврната точка. Таа и даде шанса за новата перспектива, кон која ние во Бугарија отсекогаш сме биле отворени. Треба да направиме се луѓето од двете страни на границата – и од Бугарија и од Македонија, навистина да се чувствуваат како браќа, вели бугарскиот претседател Румен Радев во интервју за бугарската агенција БГНЕС, во пресрет на утрешната посета на Република Македонија.

Бугарскиот претседател во интервјуто, од кое МИА пренесува извадоци, вели „покажавме дека освен заедничко минато, ние можеме да имаме и заедничка иднина. Прашањето е како да ги материјализираме сите овие битни моменти, што се најдоа во Договорот за добрососедство“.
Според него, првото нешто што двете земји треба да го сфатат при реализација на Договорот за добрососедство е што по речиси 20 години овој договор стана факт.
-Тоа се должи на напорите на многу дипломати, државници, и општествени дејци од двете земји. Сакам да ги поздравам за нивната навистина самопожртвувана работа, да го поздравам Парламентот на Република Македонија, што го ратификува овој договор, и, се разбира, на Парламентот на Бугарија, но имајте предвид дека ние никогаш под прашање не сме ги ставале братските односи. Но, да не заборавиме дека договорот, сепак, е само парче хартија. Оттука, очекувам во иднина нашите односи да се развиваат многу подинамично, очекувам да се развијат во сите области од взаемен интерес, а тие се многу.
За време на посетата на Радев на Македонија, според најавите, треба да се случи нешто „уникатно“. Во бугарската делегација ќе бидат и двајца митрополити. Како што е познато Македонската православна црква-Охридска архиепископија побара БПЦ да и стане Црква-мајка.
-Одблиску го следам овој процес. Тоа е исклучително во ресорот на црковната дипломатија, ова прашање има однос кон сите сестрински православни цркви. Но, одделни аспекти од него, се разбира, дека можат да бидат предмет и на јавни дебати. До БПЦ упатив покана и со мене ќе патуваат двајца авторитетни бугарски митрополити – пловдивскиот митрополит Николај и старозагорскиот митрополит Кипријан.

Тоа е многу важен знак. Се разбира, веднаш да подвлечам дека е ова прашање кое треба да го решаваат двете цркви. Но, јас длабоко верувам дека претставниците на свештенството и на Македонската православна црква и на БПЦ, ќе ја сфатат својата одговорност и мудро ќе дејствуваат.
Во поглед на разрешницата околу името и спорот со Грција бугарскиот претседател порачува:
– Како што реков, Бугарија секогаш се стремеше да и помага на Република Македонија и дел од таа помош е ние да не бидеме тие коиќе отежнуваат во  овој тежок  спор, кој треба да се реши меѓу Република Македонија и Република Грција. Во тој поглед, на тоа тие  може  да сметаат на нас. Но, верувам дека овој спор ќе се реши на таков начин што тоа нема да влијае на интересите на која било од овие три земји. За нас тоа значи дека во името нема географски дефиниции кои содржат делови од територијата на Бугарија. Затоа ќе бидеме во контакт со македонските власти за да се најде решение на најдобар можен начин.
Јас сакам да  му се заблагодарам и на премиерот Заев, и на претседателот Ѓорге Иванов за храброста од минатата година, бидејќи она што се случува во Македонија, позицијата која ја зазеде раководството на Република Македонија, беше пресвртна точка. Тоа даде шанса за нова перспектива,  за која секогаш сме биле отворени. Раководството на Република Македонија рече: Ќе ги оставиме проблемите во минатото, треба да гледаме напред во иднината заедно. Се разбира, ние ја поздравуваме таквата политика, тоа е она што секогаш сме го посакувале во Бугарија. И токму оваа политика ќе ја  поддржуваме и ќе треба да бидете сигурни дека еден ден навистина луѓето од двете страни на границата да се чувствуваат како браќа  вели бугарскиот претседател Румен Радев во инетрвјуто за БГНЕС.