Русија ги постави условите за мировни преговори со Украина

од Stefanija Kuzmanovska
211 прегледи

Во средата, на 29 март, Русија соопшти дека Украина мора да биде „неутрална“ и да одбие да се приклучи на НАТО и во Европската унија за да започне мировни преговори за ставање крај на војната.

„Потребен ни е неутрален и неврзан статус на Украина, нејзиното одбивање да се приклучи на НАТО и ЕУ и потврда на статусот на Украина без нуклеарно оружје, како и признавање на новата територијална реалност од Киев и меѓународната заедница“, изјави рускиот заменик министерот за надворешни работи Михаил Галузин.

Галузин рече дека Москва верува дека „сеопфатен, праведен и одржлив мир во Украина и Европа“ е можен откако ќе завршат борбите меѓу руските и украинските трупи.

Тој додаде дека Украина одбила да размислува за дипломатско решение на војната и дека нема „значителни промени“ во позицијата на Киев, бидејќи се уште „се потпира на воено решение на конфликтот“.

„Се чини дека многу ќе зависи од тоа колку брзо Киев и Западот ќе сфатат дека рецептот за мирна иднина за Украина лежи во враќањето на потеклото на нејзината државност, вградена во Декларацијата за државен суверенитет од 1990 година, која предвидува неутрален статус на Украина, истовремено почитувајќи го правата на руското население во таа земја, како и на националните малцинства“, рече Галузин.

Слични содржини