Русија го зголемува ДДВ-то, воведува данок на коцкање за стабилизирање на буџетот

Аналитичари проценуваат дека мерката ќе донесе околу 1,3 трилиони рубљи во рускиот буџет

од Vladimir Zorba
5 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Руското Министерство за финансии достави до Државната Дума пакет закони, вклучувајќи ново ажурирање на буџетот за 2025 година, нацрт-законот за 2026 година и буџетската прогноза за 2027-2028 година.

Официјално објавените податоци покажуваат дека со цел стабилизирање на буџетскиот и финансискиот систем, институцијата предлага зголемување на данокот на додадена вредност од 20% на 22%, а воедно задржување на намалената стапка од 10% за „социјално значајни“ стоки како што се лекови, детски производи итн. Се намалува и прагот на кој компаниите мора да се регистрираат за ДДВ – од 60 милиони на 10 милиони рубљи.

Доколку биде одобрен од пратениците, овој предлог ќе стапи на сила на 1 јануари 2026 година.

Се воведува и данок на работата на обложувалниците во износ од 5% на прифатените облози, како и корпоративен данок од 25% на активностите на компаниите поврзани со коцкарски активности. Според Министерството за финансии, целта е да се „осветли“ работата на обложувалниците во Русија.

Во мај, Министерството за финансии го ажурираше буџетот за 2025 година во контекст на намалување на приходите од трговијата со нафта и зголемување на трошоците за војната во Украина. Дефицитот е веќе над целта поставена на почетокот на годината и ќе достигне 4,2 трилиони рубљи (50,2 милијарди американски долари) во периодот јануари – август 2025 година.

Руските опозициски медиуми почнаа да зборуваат за зголемување на даноците уште на почетокот на септември. Според нивните извори во Кремљ, се очекува зголемениот ДДВ да донесе над 11 милијарди долари годишно во буџетот.

Во статијата насловена како „ДДВ во мобилизација“, руското издание „Комерсант“ го привлекува вниманието на фактот дека даночната стапка се зголемила од 18% на 20% во 2019 година, а во тоа време ова ја забрзало инфлацијата за помеѓу 0,8 и 0,9 процентни поени. Централната банка на Русија се бори со висока инфлација со месеци и дури во јули почна да ја намалува клучната каматна стапка, која тогаш беше на рекордно високо ниво од 21%.

Изданието истакнува дека нема податоци за тоа колкави ќе бидат приходите од зголемениот данок, но проценува дека новото зголемување ќе донесе до 1,3 трилиони рубли (15,5 милијарди долари) во буџетот.

Слични содржини