Русија и Турција потпишаа меморандум за формирање на заеднички центар за Карабах

од Vladimir Zorba

Руските и турските министри за одбрана Сергеј Шојгу и Хулуси Акар потпишаа меморандум за формирање на заеднички центар за контрола на примирјето во Нагорно Карабах, соопшти руското Министерство за одбрана.

„По разговорите, беше потпишан меморандум за формирање на заеднички центар за контрола на примирјето и сите воени дејствија во зоната на конфликтот во Нагорно Карабах“, објави руското Министерство.

По тој повод, Шојгу истакна дека договорите постигнати од лидерите на Русија, Азербејџан и Ерменија и воведувањето на руски мировници овозможија да се запре крвопролевањето и се создадат услови за враќање на мирниот живот.

„Присуството на руски мировници ќе обезбеди стабилност во кризниот регион, ќе го запре бранот бегалци и ќе придонесе за нивно враќање во нивните места на живеење“, рече Шојгу.

Рускиот министер посочи дека „одлуката за формирање заеднички центар за набудување ќе овозможи сигурна контрола дали страните го почитуваат режимот на прекин на огнот и ќе создаде солидна основа за решавање на долготрајниот конфликт“.

Заедничкиот центар ќе се наоѓа на територијата на Азербејџан, а неговата задача ќе биде да собира и проверува информации за усогласеност со режимот на прекин на огнот. Центарот исто така ќе служи за разгледување на какви било жалби, прашања или проблеми во врска со кршење на договорот.

Слични содржини