На почетокот на неделата се случи неверојатна коинциденција што влијаеше на снабдувањето со енергија на Европа. Во понеделникот (4 јули), казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев разговараше по телефон со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и рече дека Казахстан е подготвен да ја поддржи ЕУ во актуелната енергетска криза.
Во вторникот (5 јули) Окружниот суд во рускиот пристанишен град Новоросијск нареди триесет дена да се запре работата на нафтениот терминал преку кој најголемиот дел од нафтата од Казахстан оди во Европа. И тоа е затоа што руските регулатори очигледно утврдиле дека не постои валиден план за спречување на опасностите по животната средина.
Во четвртокот (7 јули), казахстанскиот претседател Токаев демонстративно нареди да се бараат алтернативни патишта за Европа.
Трета блокада за неколку месеци
Одлуката на рускиот суд беше порака до Токаев, вели политикологот Лејла Алиева од Универзитетот во Оксфорд. „Тоа беше реакција на сè посилните напори на Казахстан да води политика независна од Москва“, рече таа за „ДВ“.
Многумина во Казахстан, поранешна советска република, стравуваат од „украинско сценарио“ во нивната земја. На неодамнешниот економски форум во Санкт Петербург, многу набљудувачи беа изненадени од јасните изјави на претседателот Токаев, кој рече дека неговата земја нема да ги признае самопрогласените републики во Донбас и дека ќе ги почитува западните санкции.
Руската блокада на казахстанската нафта е веќе трета од почетокот на агресијата против Украина. Во март, бура, наводно, оштетила две од трите постројки кои пумпаат нафта во танкери, кои потоа заминуваат кон Црното Море. Тогаш германскиот економски весник „Ханделсблат“ забележа дека во претходните дваесет години, од кога гасоводот работи, бура никогаш не предизвикала слични тешкотии.

Во средината на јуни, сепак, започна наводно рутинско пребарување на водите околу пристаништето – по морски мини од Втората светска војна. Требаше да трае десет дена, но беше продолжено на дваесет.
„Мислам дека Кремљ игра на картата дека Казахстан ќе влезе во преговори и ќе направи отстапки“, вели Алиева. „Но, исходот од таквиот притисок е обично спротивен. Земјите почнуваат поинтензивно да бараат алтернативни извори, сојузи и пазари“.
Долг пат низ Азербејџан
Мора да се признае, нема брзи алтернативи. Затоа Токаев во телефонски разговор го повика Мишел да ја вклучи ЕУ во изградбата на „алтернативни транскасписки коридори“. Тоа значи нафтоводот долж Каспиското Море, до Азербејџан. Таму започнува нафтоводот и преку Баку и Тбилиси води до турското медитеранско пристаниште Џејхан.
Германија купува казахстанска нафта веќе две децении, и тоа се повеќе и повеќе. Така, минатата година Казахстан стана трет најголем снабдувач, по Русија и САД. Улогата на оваа азиска земја би можела да стане уште позначајна кога на крајот на годината ќе стапи на сила ембаргото на ЕУ за руската нафта.
Што се однесува до целата ЕУ, пред почетокот на пандемијата, со удел од 7,65 отсто од испорачаната нафта, Казахстан беше меѓу петте најважни снабдувачи на ЕУ, пред САД и Саудиска Арабија.
Михаел Крутичин, руски експерт за енергетика, за „ДВ“ вели дека блокадата на казахстанската нафта нема да предизвика големи штети во ЕУ. „Тоа би можело да го влоши снабдувањето со рафинерии во ЕУ, но тешко ми е да проценам до кој степен. Впрочем, моментално нема недостиг од нафта на светскиот пазар“.