Русија ја нападна енергетската инфраструктура на Украина со околу 120 проектили и 90 дронови

од Vladimir Zorba
26 прегледи

Русија лансираше околу 120 проектили и 90 беспилотни летала во „масовен“ комбиниран воздушен напад врз енергетската инфраструктура на Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

-Целта на непријателот беше нашата енергетска инфраструктура низ Украина. За жал, има оштетувања на објектите од ударите и паѓањето на остатоците, напиша тој во изјавата на социјалните мрежи.

Рускиот воздушен напад во Украина во раните утрински часови денеска предизвика „сериозна штета“ на опремата на термоцентралите на најголемиот приватен снабдувач со енергија во Украина, ДТЕК, соопшти компанијата.

Во објавата на ДТЕК на социјалните мрежи се додава дека тимовите на компанијата работат на поправка на оштетената опрема, но не е прецизирано што точно било погодено.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига на социјалната мрежа „Х“ напиша дека синоќешните масовни удари на Русија се одговор на рускиот претседател Владимир Путин на сите оние кои му се јавуваат и го посетуваат.

-Русија изврши еден од најголемите воздушни напади – беспилотни летала и проектили против мирни градови, заспани цивили и критична инфраструктура. Ова е вистинскиот одговор на воениот злосторник Путин на сите оние кои неодамна го повикаа и го посетија. Ни треба мир преку сила, а не преку политика на отстапки, нагласи Сибига.

Претходно денеска руската војска истрела крстосувачки ракети „Калибр“ од Црното Море. Стратешките бомбардери истрелаа крстосувачки ракети, придружени со роеви камикази беспилотни летала Шахед.

Министерот за енергетика Герман Галушченко објави дека Русија ги нападнала капацитетите за пренос и производство на електрична енергија.

Германскиот канцелар Олаф Шолц на 15 ноември го имаше својот прв телефонски разговор со Путин по речиси две години. Ова предизвика остра реакција од украинската страна, вклучително и од претседателот Володимир Зеленски.

Министерството за надворешни работи во Киев посочи дека какви било разговори со Путин му даваат само надеж на рускиот претседател за излез од меѓународната изолација.

Слични содржини