Русија ја обвини Америка дека ги „украла“ знамињата од нивниот конзулат во Сан Франциско

од desk2
163 прегледи

Русија денеска протестираше откако руските знамиња од конзулатот во Сан Франциско беа отстранети, но Вашингтон тврди дека се спуштени со почит и сигурно складирани во дипломатските згради.

Порано неделава Русија бараше од САД да ги врати запленетите дипломатски згради, а отстранувањето на знамињата е последна во низата дипломатски кавги меѓу Русија и САД.

„Последниот срамен чин. Во Сан Франциско руските знамиња се украдени од зградата на конзулатот. Бараме од американските власти да ги вратат нашите знамиња“, напиша руската амбасада во САД на својот Твитер профил.

Рускиот персонал минатиот месец ја напушти спомнатата зграда откако Вашингтон и нареди на дипломатската мисија да ги напушти просториите, што е последица на се постудените односи меѓу двете светски сили.

Американската влада вели дека знамињата на поранешните руски имоти во Сан Франциско уредно се спуштени и сигурно складирани внатре во секоја зграда.

Дипломатската кавга меѓу Москва и Вашингтон датира од 2016 година кога администрацијата на Обама исфрли 35 членови на руската амбасада и затвори две руски дипломатски згради, во Мериленд и во Њујорк. Овие потези ја натераа Москва да го присили Вашингтон да повлече повеќе од 700 членови на американскиот дипломатски персонал во Русија.

https://www.youtube.com/watch?v=lPYa7M-o-MU