„Русија контролира околу 20% од украинската територија“: Каде заглавија мировните преговори и колку политиката на САД придонесе за позицијата на Киев?

Четири години од војната во Украина: „Американската политика има значително влијание врз позицијата на Киев, но таа не е единствениот одлучувачки фактор“

од Nikola Popovski
42 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/DW на русском

Утре се одбележува четвртата година од војната меѓу Русија и Украина. Сега се водат преговори за нејзино завршување. Но, сè додека не се потпише мир, луѓе и понатаму умираат. Животите на милиони се променети засекогаш од двете страни на фронтот. но, кога војната се преведува во бројки, се поставува прашањето како се евидентираат загубите.

Американскиот претседател, Доналд Трамп се пофали дека би можел да ја заврши војната што започна на 24 февруари 2022 година во рок од 24 часа по неговото враќање во Белата куќа, но борбите продолжуваат и покрај повеќе од една година средби и разговори со украинскиот и рускиот колега, Володимир Зеленски и Владимир Путин, како и со европските партнери. Од почетокот на 2026 година, меѓу Москва и Киев се одржаа три рунди мировни преговори со посредство на САД, првите две во Абу Даби и третата во Женева. Освен размената на затвореници, прва за пет месеци, постигнат е мал напредок, особено по прашањата за територијални отстапки, една од главните точки на спор.

Додека американскиот претставник Стив Виткоф, кој ја предводеше делегацијата од Вашингтон, рече дека преговорите постигнале „значаен напредок“, се очекува уште една рунда до крајот на месецот.

Како успеа нешто што требаше да заврши за три дена, да се „растегне“ четири години?

Според воено-безбедносниот аналитичар и новинар, Александар Србиновски, продолжувањето на војната далеку над првичните очекувања е резултат на комбинација од воени, политички и структурни фактори. Во почетната фаза Москва очигледно сметаше на брз политичко-воен колапс на Украина. Наместо тоа, украинската држава и вооружени сили успеаја релативно брзо да ја стабилизираат командната структура, да ја одбранат престолнината и да воспостават одржлива линија на фронтот.

-Вториот клучен фактор беше обемната и континуирана меѓународна поддршка за Киев. Во периодот 2022–2024, САД и европските партнери обезбедија значајна воена, финансиска и разузнавачка помош, што суштински ја продолжи способноста на Украина да води долготрајна одбрана.

Со текот на времето конфликтот еволуираше во војна на исцрпување со високи загуби на двете страни. Според проценки на водечки глобални тинк-тенк центри и меѓународни медиуми, вкупните воени жртви на двете страни достигнуваат до 1,8 милиони луѓе. Во тие рамки, руските загуби се проценуваат на околу 1,2 милиони жртви, вклучувајќи до 325.000 загинати, додека украинските загуби се движат меѓу 500.000 и 600.000 жртви со до 140.000 загинати.

Истовремено, руската официјална позиција значително се разликува. Москва ретко објавува ажурирани бројки за сопствените загуби — последната официјална бројка од септември 2022 говореше за околу 6.000 загинати руски војници, по што Кремљ престана со редовни јавни ажурирања. Руски претставници, вклучително и претседателот Путин, повеќепати тврдат дека руските загуби се „повеќекратно помали“ од украинските, без да даваат детални податоци, вели Србиновски во анализа за „Локално“.

Фото: Александар Србиновски

Според него, паралелно, руското Министерство за одбрана редовно изнесува многу повисоки проценки за украинските загуби — над еден милион убиени и ранети, особено нагласувајќи ја 2025 година како тешка за украинската армија. Соговорникот оценува дека овие тврдења не се независно верификувани и значително се разликуваат од западните проценки.

-Украинскиот претседател Володимир Зеленски во февруари 2026 изјави дека околу 55.000 украински војници се убиени од почетокот на инвазијата. Во територијална смисла, и покрај високата цена, напредувањата остануваат постепени: Русија контролира околу 19–20% од украинската територија, што укажува дека конфликтот влезе во долгорочна фаза со ограничени, но континуирани поместувања на фронтот.

Во овој конфликт важно е да се има предвид дека постојат значајни разлики во начинот на кој страните ги соопштуваат воените податоци. И Москва и Киев водат интензивна информациска кампања, поради што бројките за загуби, економски ефекти и состојбата на фронтот често се предмет на наративно обликување и затоа треба да се толкуваат со соодветна аналитичка резерва, посочува аналитичарот.

Запрашан колку промената на политиките на САД, допринесе за позицијата на Украина во моментов, каде сигурно е на пат да изгуби голем дел од територијата, Србиновски наведува дека американската политика има значително влијание врз позицијата на Украина, но таа не е единствениот одлучувачки фактор. САД остануваат клучен безбедносен партнер, иако во текот на 2025 година се забележува посилен акцент на дипломатско решение.

-Според достапни меѓународни податоци, странската воена помош за Украина опаднала за околу 13% во 2025 година, додека европската поддршка се зголемила за околу 67%, што укажува на постепено прераспределување на товарот кон Европа. Сепак, во чисто воено-стратешка смисла, вкупната воена моќ на европските земји не може директно да се спореди со онаа на САД. Разликите се особено изразени во глобална логистика, стратешки воздушен транспорт, сателитско разузнавање, интегрирана ПВО со долг дострел и глобална проекција на сила. Во тие сегменти САД и натаму имаат структурна предност.

Од друга страна, ако се гледа агрегатно, финансиски, буџетски, хуманитарно и делумно во конвенционалната воена помош, може аргументирано да се каже дека поддршката за Украина денес во значителна мера има европска тежина. Ова создава комплексна зависност: оперативно Украина и натаму се потпира на специфични американски способности, но политички и финансиски товарот постепено се европеизира.

Прашањето за можни територијални загуби останува отворено и ќе зависи од состојбата на фронтот и исходот од преговорите, потенцира новинарот и аналитичар.

Србиновски додава дека Украина во изминатите години значително го зголеми домашното производство на беспилотни системи и други одбранбени капацитети, што реално ја зајакнува нејзината способност за самоодбрана и ја намалува зависноста од странски испораки. Сепак, укажува дека важно е да се направи јасна дистинкција: Европа формално не е во војна со Русија.

-Директниот вооружен конфликт се води меѓу Москва и Киев. Русија продолжува да го квалификува конфликтот како „специјална воена операција“, додека на терен интензитетот има карактеристики на класична меѓудржавна војна, а правната квалификација останува предмет на различни толкувања.

Дополнително, руската страна често укажува дека вредносниот и безбедносниот јаз меѓу Русија и дел од Европа се перципира како фактор на ризик за континенталната стабилност. Во рамките на ЕУ, пак, постојат нијанси во пристапот — земји како Унгарија и Словачка во одредени моменти имаат поразлични позиции од мнозинството членки.

Теоретски, Украина во иднина би можела да се позиционира како засилен безбедносен појас меѓу евроатлантскиот и рускиот простор. Но во сегашната фаза тоа тешко може цврсто да се предвиди.

Отворено останува и прашањето за идната големина на украинскиот воен апарат. Доколку по евентуален мировен договор дојде до деескалација, можно е вооружените сили значително да се редимензионираат, што би повлекло и намалување на дел од воената индустрија. Од руската перспектива, тоа се гледа како фактор што би го ограничил потенцијалот Украина да претставува директна воена закана, но конечниот исход ќе зависи од мировниот аранжман и идната безбедносна архитектура, објаснува соговорникот.

Во однос на дилемата дали Европа гледајќи од геополитички агол, излезе најголемиот губитник од целата војна, Србновски смета дека во суштина, војните многу ретко имаат вистински победници, особено кога цената се мери во човечки животи. Историјата повеќепати покажала дека дури и кога постои јасен воен исход, долгорочните последици често ги надминуваат краткорочните добивки. Човечката загуба е неповратна и не може да се компензира со територијални или политички придобивки.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВП Ворлд

-Од таа перспектива, може да се тврди дека во оваа војна сите страни плаќаат висока цена. Украина претрпе огромни човечки, демографски и инфраструктурни загуби. Русија, и покрај одредени територијални придобивки, се соочува со долгорочен санкциски притисок, демографски предизвици и структурни економски ризици. Европа пак беше изложена на енергетски шок, инфлаторни притисоци и зголемени безбедносни трошоци.

Од руската перспектива, официјалниот наратив ја прикажува домашната економија како релативно отпорна и поттикната од воената индустрија, додека украинската економија се опишува како силно оштетена и зависна од западна помош. Овие оценки, сепак, значително се разликуваат од независните меѓународни анализи. Ако се гледа низ поширока хуманитарна призма, човечката загуба, која е по мое мислење најтешка и неповратна и останува централниот факт. Во таа смисла, тешко е да се говори за вистински победник во конфликт од ваков обем, дециден е воено-безбедносниот аналитичар.

Во серијата преговори меѓу Русија и Украина, со посредство на САД, сè уште не може да се постигне договор за клучните прашања. Преовладува теоријата дека ова е смислено сценарио за продолжување на непријателствата до остварување на своите цели. Србиновски анализира дека застојот во преговорите произлегува од длабоки разлики околу територијата, безбедносните гаранции и политичката иднина на Украина. Според него, во вакви конфликти дипломатските процеси по правило се бавни и силно зависат од состојбата на терен, како и од политичките калкулации на вклучените страни.

-Во овој момент би било неблагодарно и непрофесионално категорично да се тврди дека постои координирано сценарио или заговор за намерно продолжување на конфликтот. Напротив, во јавните настапи на лидерите на САД, Русија и Украина континуирано доминира реторика насочена кон можноста за мир или дипломатско решение, иако нивните услови за тоа значително се разликуваат.

Оттука, поаналитички е да се заклучи дека сегашниот застој повеќе произлегува од судир на максималистички позиции, недоверба и различни безбедносни визии, отколку од однапред усогласен план за пролонгирање на непријателствата.

Перспективата за договор ќе зависи од воената динамика на теренот, политичката волја за компромис и степенот на меѓународен притисок врз двете страни, заклучува Србиновски.

Фото: Printscreen/Youtube/
FOX 26 Houston

Киев јавно ги осуди, како што наведе украинското МНР, „ултиматумите и уцените“ од Унгарија и Словачка, поврзани со испораките на енергенси.

Украинската страна наведува и дека е во постојан контакт со Европската комисија, дека работите на стабилизација и поправка продолжуваат, и дека се понудени алтернативни решенија за снабдување со неруска нафта, вклучително и други рути.

Украина најавува и можност за активирање на механизмот за рано предупредување од Договорот за асоцијација со Европската унија.

Спорот се заострува бидејќи Унгарија и Словачка остануваат меѓу ретките членки на ЕУ што сè уште значително зависат од руска нафта преку нафтоводот „Дружба“.

Н.П.

Слични содржини