Русија: Можеме да блокираме западни средства во вредност од речиси 300 милијарди долари

од Stefanija Kuzmanovska
215 прегледи

Ако западните земји запленат руски имот, Русија би можела да возврати со заплена на најмалку 288 милијарди долари од западните средства, вклучително и 223 милијарди долари имот од членките на Европската унија, објави руската државна новинска агенција РИА.

Откако рускиот претседател Владимир Путин испрати вооружени сили во Украина во февруари 2022 година, САД и нивните сојузници ги забранија трансакциите со руската централна банка и министерството за финансии и замрзнаа околу 300 милијарди долари руски имот.

Американските и британските власти сега предлагаат замрзнатите средства да бидат запленети и искористени за обнова на Украина разурната од војна и се надеваат дека лидерите на Г7 ќе го прифатат предлогот на состанокот кон крајот на февруари, дознал „Ројтерс“ кон крајот на декември во разговор со три извори.

Русија го обвини Вашингтон дека се обидува да употреби принудна тактика за да добие поддршка од европските земји за предлогот. Москва соопшти дека има список на американски, европски и други средства и дека може да возврати во натура.

Се закануваат дека ќе ги запленат сите западни инвестиции во Русија

Во извештајот објавен вчера, руската новинска агенција РИА цитира податоци според кои вредноста на директните инвестиции на ЕУ, членките на Г7, Австралија и Швајцарија во руската економија на крајот на 2022 година изнесуваат вкупно 288 милијарди долари.

Вредноста на инвестициите на земјите од ЕУ изнесува 223,3 милијарди долари на крајот на 2022 година, а речиси половина од таа сума, односно 50,1 милијарди долари, официјално му припаѓа на Кипар. Поради поволните прописи, бројни странци, меѓу кои и руски државјани, отвориле сметки на Кипар.

Следува Холандија со 50,1 милијарди долари инвестиции и Германија со 17,3 милијарди. РИА ја наведува Франција како еден од петте најголеми европски инвеститори во руската економија со средства и инвестиции во вкупна вредност од 16,6 милијарди долари и Италија со 12,9 милијарди долари.

Меѓу земјите од Г7, агенцијата ја наведува Британија во групата водечки инвеститори со средства во Русија од 18,9 милијарди долари, според податоците од крајот на 2021 година. Вредноста на американските инвестиции во Русија на крајот на 2022 година изнесуваше 9,6 милијарди долари, јапонските 4,6 милијарди и канадските 2,9 милијарди долари.

Швајцарија и Норвешка обично усвојуваат антируски мерки, забележува РИА, додавајќи дека на крајот на 2022 година вредноста на нивните средства изнесувала 28,5 милијарди, односно 683 милиони долари. „Ројтерс“ забележува дека не можеч самостојно да ги потврди податоците наведени од руската агенција.

Слични содржини