Русија: Нема да има разговори за контрола на нуклеарното оружје со САД додека ја поддржуваат Украина

од Stefanija Kuzmanovska
231 прегледи

Русија соопшти дека е невозможно да се разговара за контрола на нуклеарното вооружување со САД без да се земе предвид ситуацијата во Украина, обвинувајќи го Вашингтон дека бара воена превласт.

Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров на прес-конференција рече дека Вашингтон предложил одвојување на двете прашања и обновување на разговорите за „стратешка стабилност“ меѓу двете земји кои поседуваат најголем нуклеарен арсенал во светот. Лавров, сепак, рече дека овој предлог е неприфатлив за Русија поради поддршката на Западот за Украина.

Со оглед на тоа што новиот договор СТАРТ, кој го ограничува бројот на нуклеарни боеви глави, истекува во февруари 2026 година, отсуството на дијалог не може да се игнорира. Доколку не се постигне договор, двете земји ќе останат без договор за контрола на нуклеарното вооружување во време кога тензиите меѓу нив достигнаа највисоко ниво од Кубанската ракетна криза во 1962 година.

„Не гледаме ни најмал интерес на САД или НАТО за решавање на украинската криза и да се сослуша она што ја загрижува Русија“, рече Лавров и го обвини Западот дека ја охрабрува Украина да нападне длабоко во руската територија со оружје со долг дострел, вклучително и нападот на Белгород во кој на крајот на годината загинаа 25 лица.

Според Лавров, САД се стремат кон воена превласт над Русија. Тој повтори дека нема основа за преговори за контрола на оружјето се додека Западот води „хибридна војна“ против Русија.

„Не ја исклучуваме оваа можност во иднина, но пред тоа бараме Западот да се откаже од политиката на поткопување на руските интереси и наместо тоа да почне да ги почитува“, заклучи Лавров.

Слични содржини