Русија сè уште не планира да ја намали листата на непријателски земји, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков. „Во моментов нема такви планови“, изјавил портпаролот на Кремљ.
Русија има неколку листи на непријателски земји за примена на дипломатски и економски контрамерки. Првата беше одобрена во пролетта 2021 година и вклучуваше само две земји – САД и Чешка. За нив се воведени ограничувања во работата на дипломатските претставништва.
Втората листа беше одобрена во март 2022 година и ажурирана во јули и октомври истата година. Трансакциите со државите вклучени во неа мора да се вршат на посебен начин. Во моментов, оваа листа вклучува 46 земји и територии: сите земји членки на Европската унија, како и Македонија, Украина, Црна Гора, Швајцарија, Албанија, Андора, Исланд, Лихтенштајн, Велика Британија, Монако, Норвешка, Сан Марино, Јапонија, Јужна Кореја, Австралија, Микронезија, Нов Зеланд итн.
Руската влада одобри уште една слична листа во септември 2024 година. Вклучува 47 земји и територии кои „спроведуваат политики кои наметнуваат деструктивни неолиберални идеолошки позиции кои се во спротивност со традиционалните руски духовни и морални вредности“. На листата се и САД, Велика Британија, Германија, Франција, Јапонија и други земји. Словачка и Унгарија не се меѓу земјите од ЕУ, а Турција не е меѓу земјите од НАТО.
Од почетокот на руската инвазија врз Украина, Македонија протера десетина руски дипломати од руската амбасада во Скопје.