Русија официјално: „Украинците синоќа го нападнаа Кремљ со дронови, се обидоа да го убијат Путин“ (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
322 прегледи

Официјална Москва тврди дека Кремљ синоќа бил нападнат со две беспилотни летала, додавајќи дека тоа го сметаат за „планиран терористички напад“ и обид за атентат на претседателот Владимир Путин, пренесе Блумберг. Кремљ додава дека руската одбрана ги оневозможила двете летала. Оттаму јавуваат дека рускиот претседател не е повреден, па неговиот распоред за работа денеска не е променет.

Кремљ соопшти дека Путин не бил во официјалната резиденција кога наводно била нападната со беспилотни летала. Руската новинска агенција РИА, повикувајќи се на Кремљ, објави дека Путин во тоа време престојувал во Ново-Огариово – имот надвор од Москва.

Во своето соопштение Кремљ ги обвини Украинците за обидот за напад.

„Во средата навечер режимот во Киев се обиде да употреби беспилотни летала за да ја нападне резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ. Руската страна го задржува правото да преземе одмазднички мерки каде и кога смета дека е соодветно“, се вели во соопштението.

Се додава дека нападот „е извршен во пресрет на Парадата на Денот на победата на 9 мај, на која е предвидено да присуствуваат странски гости“.

На социјалните мрежи кружи видео од мал облак чад кој се издигнува над Кремљ во Москва во раните утрински часови во средата. На зградите на Кремљ не е причинета материјална штета, пишува РИА Новости.

Комерсант пишува дека градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин денеска во Москва воведе забрана за користење дронови.

Слични содржини