Во ноќта по најголемиот воздушен напад врз Украина од почетокот на војната, руската војска собори 32 украински беспилотни летала над Москва и други делови од земјата, соопштија во саботата руските воени претставници.
Беспилотните летала биле пресретнати од воздушната одбрана над руските региони Брјанск, Ориол и Курск, во близина на украинската граница и над Московската област, објави Министерството за одбрана на Телеграм.
Украинскиот напад со беспилотни летала уследи по серијата руски напади низ Украина во кои загинаа најмалку 31 лице, а беа ранети 152, во, како што рече Киев, „еден од најголемите ракетни напади врз украинските градови и села“ откако Русија ја започна својата инвазија во февруари 2022 година.
Руското Министерство за одбрана, како што јави Ројтерс, објави дека противвоздушната одбрана во петокот уништила 13 украински ракети над јужниот регион Белгород, а регионалниот гувернер објави дека едно лице загинало, а четворица се ранети.
Министерството додава дека противвоздушната одбрана „го спречила обидот на Киев да изврши терористички напад“. Вјачеслав Гладков, гувернерот на Белгород, потврди дека во нападот биле оштетени десет куќи и дека е оштетена и водоводната инфраструктура.
Александер Богомаз, гувернерот на Брјанск, објави дека над неговата област биле соборени шест беспилотни летала и дека е „спречен уште еден украински терористички напад“. Во тој напад немаше жртви.