Русин кој зборуваше против конфликтот во Украина заврши на суд и доби затворска казна

од Stefanija Kuzmanovska

Членот на општинскиот совет на московскиот округ Красносел, Алексеј Горинов, стана првиот човек во Русија осуден за ширење лажни извештаи за руската армија, соопшти денеска Окружниот суд Мешчан.

– Судот го прогласи Алексеј Горинов за виновен за намерно јавно ширење на лажни информации за руските вооружени сили при злоупотреба на службената положба – соопшти службата за односи со јавноста на Окружниот суд Мешчан.

„Гардијан“ пишува дека Горинов е осуден поради критикување на руските воени акции во Украина.

Во соопштението се додава дека Горинов ќе биде испратен на издржување затворска казна од седум години.

Максималната казна за делото што го направи Горинов е 10 години затвор.

На 15 март годинава, на состанокот на општинските пратеници, Горинов изјавил дека е недозволива каква било забава и рекреација на Московјаните „за време на воените дејствија на територијата на суверена соседна држава“, а тој бил уапсен на 27 април, наведува руската агенција.

„Во Украина умираат деца“

За време на состанокот на советот, тој се спротивстави на предлогот на советот да се одржат натпревари за цртање за деца и фестивал на танц и покрај конфликтот во Украина.

– Во Украина умираат деца. Сметам дека сите напори на руското граѓанско општество треба да бидат насочени исклучиво кон запирање на војната и враќање на руската армија од територијата на Украина – рече Горинов на состанокот на советот, кој беше снимен.

Слични содржини