„Доколку Македонија се зачлени во НАТО, ќе стане легитимна цел ако дојде до конфликт меѓу НАТО и Русија“. Со ова предупредување рускиот амбасадор Олег Шчербаг, објасни дека зачленувањето на земјава во оваа Алијанса, нема да ни донесе никаква корист од безбедносен аспект, а нема ниту да помогне ниту околу сувереноста и територијалниот интегритет.
„Вие како одговорни граѓани на вашата земја треба да размислите околу тоа дека по зачленувањето во НАТО, земјата ќе стане дел од воената машинерија и доколку се случи некаква агресија против Русија, вие ќе бидете мета за контранапад. Дали ви е потребно ова вам и на вашите деца“, изјави Олег Шчербаг, амбасадор на Русија
За протерувањето на рускиот дипломат од земјава, Шчербаг изјави дека станува збор за непријателски чин, без преседан и предупреди на последици во билатералните односи меѓу Москва и официјално Скопје. Според него, оваа избрзана одлука на Министерството за надворешни работи е донесена за да се солидаризираме со Велика Британија за случајот „Скрипал“, бидејќи не се поднесени до амбасадата ниеден доказ дека дипломатот го пречекорил својот мандат.
„Москва смета дека Скопје оваа „непријателска одлука“ ја донел под притисок на НАТО, но ваквата околност не ја ослободува македонската влада од целата одговорност за последиците во нашите билатерални односи. Руската федерација е постојана членка на Советот за безбедност на ООН и е многу одговорна во однос на своите билатерални и мултилатерални обврски. Нашата земја има древна дипломатска традиција, не брзаме со одлуки и чекори. Протерувањето на дипломатот е многу сериозен чин и навремено ќе дадеме соодветен договор, анализиран од сите страни“, вели Шчербаг
Рускиот амбасадор се сомнева дека зад случајот „Скрипал“ стои самата Велика Британија. Според него, со труењето на овој руски државјанин Лондон извршил голема политичка провокација. Тој ги негираше обвинувањата за вмешаност на Русија во внатрешните работи на нашата земја.