Светиот синод на Руската православна црква (РПЦ) го поздрави враќањето на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) во единство со Српската православна црква (СПЦ).
„Решивме да му благодариме на Бога што ја прекина долгогодишната разделба и ја врати Македонската православна црква – Охридска архиепископија во евхаристиско и канонско општење со Српската православна црква“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Московската патријаршија по седницата на Синодот.
На почетокот на седницата на Светиот синод, патријархот московски и на цела Русија Кирил го поздрави повторното обединување на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) со Српската православна црква (СПЦ), оценувајќи го како „важна историска настан“.
„Ќе ве информирам за еден ваков добар и важен историски настан – обновувањето на комуникацијата меѓу Српската патријаршија и Охридската архиепископија“, рече патријархот Кирил.
Патријархот спомна дека се работи за долга поделба, која „конечно е исцелена“.
Српскиот патријарх Порфириј во вторникот на заедничката литургија во Соборниот храм во Скопје по повод празникот Свети Кирил и Методиј соопшти дека СПЦ се одлучила да ја одобри, благослови и признае автокефалноста на МПЦ-ОА.
Тој додаде дека ќе бидат информирани и повикани сите помесни цркви да го прифатат статусот на автокефалност на МПЦ-ОА.