Рускиот врховен суд ѝ забрани на Екатерина Дунцова да го предизвика Путин на претседателските избори

од Stefanija Kuzmanovska
205 прегледи

Рускиот врховен суд ја потврди одлуката за забрана на поранешната телевизиска новинарка и противничка на војната во Украина да учествува на претседателските избори во март, изјави во средата Екатерина Дунцова, која сакаше да го предизвика претседателот Владимир Путин.

Членовите на централната изборна комисија едногласно ја отфрлија кандидатурата на Дунцова, наведувајќи „бројни грешки“ во документите што таа ги доставила за поддршка на својата кандидатура.

Дунцова на својот Телеграм канал потврди дека Врховниот суд ја одбил нејзината жалба против одлуката.

Таа рече дека сега планира да се обиде да основа нова политичка партија за луѓето кои сакаат „мир, слобода и демократија“. Таа смета дека тоа е привлечно за десетици милиони Руси чии гласови, како што рече, не се застапени.

Дунцова, која не е мноху позната во Русија и, според нејзиното признание, има база за поддршка од само неколку илјади луѓе во земја со повеќе од 140 милиони жители, претходно изјави за „Ројтерс“ дека чувствува дека е неправедно дисквалификувана.

Централната изборна комисија објави дека одлуките на телото се засноваат исклучиво на правила и дека задачата на членовите е да се погрижат идните кандидати да ги следат правилните процедури.

Актуелниот претседател Владимир Путин, кој е на власт како претседател или премиер повеќе од 20 години и нема сериозна конкуренција, на изборите во март лесно би требало да добие уште еден шестгодишен мандат.

Кремљ укажува на анкетите кои на 71-годишниот Путин му даваат приближно 80 отсто поддршка и тврди дека повеќето Руси ја поддржуваат „специјалната воена операција“ на Москва во Украина.

Слични содржини