Рускоска не верува дека имало ГПС во торбата со пари на Камчев

од Vladimir Zorba

„Не верувам дека имало ГПС. Сведокот досега не споменал такво нешто, ниту во записникот за примање на кривичната пријава, ниту во исказот даден во текот на истражната постапка, ниту пак во сведочењето на главната расправа“, вели Јавната обвинителка Вилма Рускоска за ДВ.

Рускоска е убедена дека снимките не протекле од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал.

„Не верувам дека некоја обвинителка ги земала снимките и ги дала на Мицкоски. Сигурна сум дека не излегле од кај нас, пред се, поради внатрешните процедури и начинот на кој беа чувани. И фактот дека беа во заклучена просторија ја елиминира таквата можност“, вели обвинителката.

Околу аудио – снимката каде се слуша прашањето на Камчев – „Знаеш ли што значи на истражител да му дадеш 100.000 евра да ти даде стикче?“, Рускоска е убедена дека тоа не може да се однесува на нивните истражители.

„Не може да се однесува за нашите истражители, бидејќи во овој случај Камчев ги даваше материјалите. Нема логика да ги бара и да плаќа за нив. Тој е сведок. Друго е да се води постапка против него, па да сака да знае кои сведоци се сослушани и што кажале тие. Но во овој случај тој ги даде материјалите, тој знае што има во нив“, објаснува обвинителката.

Слични содржини