Руското државно обвинителство во понеделникот објави дека бара трајна затворска казна за Алексеј Навални, еден ден пред рочиштето на опозицискиот лидер на кое би можел да биде осуден на две до три години затвор и еден ден по полициската акција против демонстрантите кои бараат негово ослободување.
Репресијата беше осудена од западните земји, Париз го повика Берлин да се откаже од голем проект за гасовод со Русија како санкција.
„Легално и оправдано“ е барањето на руските затворски служби (ФСИН) да ја отфрли жалбата на главниот критичар на Кремљ, кој се гони за кршење на условната затворска казна на која беше осуден во 2014 година, соопшти државното обвинителство.
Изјавата ја покажува одлучноста на владата, и покрај протестите организирани во неделата, втор викенд по ред во повеќе од стотина руски градови, на кои се бара ослободување на Навални.
„Сведоци сме на забрзување на политичката репресија“, рече Леонид Драбкин, координатор на невладината организација ОВД-Инфо, пренесува „Франс Прес“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков оцени дека реакцијата на полицијата е оправдана и предупреди на „голем број насилници и повеќе или помалку агресивни провокатори“ против полицијата.
Навални во вторник ќе присуствува на рочиште, каде може да биде осуден на казна затвор до две и пол години, бидејќи тој веќе издржа дел од казната во домашен притвор. Неговите приврзаници беа повикани на протест пред судот.
Постојат неколку судски процеси против Алексеј Навални (44). Во петок треба да му се суди за клевета на ветераните.
Истражителите минатиот месец отворија кривична истрага против Навални за голема измама, тврдејќи дека тој потрошил 4,8 милиони долари од донации за неговата организација за лични цели, вклучително и патување во странство, за што му се заканува казна затвор од десет години.
Навални и неговите адвокати ги отфрлаат сите обвиненија како политички мотивирани со цел да го дискредитираат.
Неколкумина сојузници и соработници на Навални се во домашен притвор во последните неколку недели. На некои им се заканува затворска казна за кршење на санитарните норми со организирање протести.
Рускиот суд во понеделникот одреди домашен притвор за портпаролката на Навални до 23 март, рече нејзиниот адвокат.
Според обвинението, Кира Јармиќ е обвинета за кршење на прописите против ковид-19 со учество во нелегален протест.
44-годишниот Алексеј Навални беше уапсен во јануари за кршење на условната казна и му беше одреден притвор веднаш по пристигнувањето на аеродромот во Моксва по неговото враќање од Германија, каде од август се лекуваше од труење со „новичок“.
Навални ги обвинува рускиот претседател Владимир Путин и разузнавачката агенција ФСБ за обид за негово труење, што Кремљ го отфрла.