„За пресудата на Катица Јанева моите очекувања се исполнија, додека за Јовановски очекував 10 години. Жалби ќе има и за едниот и за другиот“, изјави по судењето денеска обвинителката за организиран криминал, Вилма Русковска.
Во врска со предметот, Русковска рече дека предложила поширока конфискација, па ќе се види во писмениот дел од пресудата кој точно дел е опфатен.
На Бојан Јовановски на денешното судење беше донесена одлука да му се конфискува облеката од скапи брендови во 70 вреќи што му ја одзеде обвинителката Русковска во истрагата, како и уметничките слики од Личеновски, Мартиновски, Коџоман и други, мебелот и сè што му е стекнато со пуштањето во оптек на парите од земениот рекет, кажа судијката Васка Николовска-Масевска при изрекување на пресудата во случајот „Рекет“.
Ќе му се конфискуваат и 12.000 евра што биле најдени кај него, како невработено лице со блокирани трансакциски сметки.