Обвинителката за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, Вилма Русковска, смета дека поднесениот предлог-закон за амнестија не влијае врз текот на судскиот процес.
Во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма таа рече дека амнестијата е исклучиво политичка одлука, судот само го спроведува донесениот закон. Рече и дека националното помирување не го сфаќа
како амнестија и не го спомнала во поинаков контекст.
Никој во предметот за 27 април не е обвинет за тероризам. Делата за кои се товарат се разликуваат, ова не е потешко дело од тероризам. Никаде во обвинителниот акт не е спомнат зборот тероризам или терористички акт, рече Русковска. Можеби некогаш, рече обвинителката, ќе биде повикан како сведок Никола Груевски, а засега ценела дека не треба.
Ако има поврзаност на поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски со насилствата, тогаш тој ќе биде обвинет.
-Не сме направиле ништо ако не стигнеме до организаторите и не ги обвинимe. Во моментов нема доволно материјални или вербални докази за организаторите. Затоа водам предистражна постапка. Имаме докази со кои се потврдува улогата на Митревски и Василевски. „Кољо“
и „Нинџа“ имаат клучна улога.
Фактот што самите се пријавија во полиција, по осум месеци бегство, не ја намалува нивната вина, рече Русковска. Во интервјуто во „Топ тема“ таа кажа и дека базните станици покажуваат каде бил тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков за време на упадот во Собранието.
Сепак таа прецизно не одговори на многу прашања заради истражнот процес, но нагласи дека имаат целосна слобода во работењето без никакви притисоци и дека очекува успешно заокружување на целиот процес. Со оглед на тоа што расчистувањето на овој случај го бара и меѓународната заедница не само македонската јавност таа верува дека амнестијата е нереална .