Обвинителката Вилма Русковска, вечерва излезе со изјава по рочиштето за притвор што беше побарано за осомничената Јасна Мандиќ, потпретседателката на невладината „Меѓународен сојуз“ на Бојан Јовановски.

Таа рече дека уште денеска поднела предлог за определување протвор, и дека одреден е домашен притвор за Јасна Мандиќ.
– Пронајдовме многу докази за обвинението кое утре ќе го поднесувам – рече Русковска, прашана дали утре ќе се поднесе обвинение за случајот „Рекет“ во кој осомничени се Боки 13 и поранешната обвинителка од СЈО, Катица Јанева.
Русковска рече дека имало интерес кај некои од осомничените да се спогодат. – Не се поднесе званична иницијатива, но ќе видиме што може да се направи – рече Русковска, но не сакаше да прецизира кој од осомничените побарал да се спогоди.
– Не знам дали ќе има постапка за други лица. Ќе видиме каде ќе не однесат овие докази. Поднесовме наредба за истрага за оние лица за кои постои основано сомнение – рече Русковска, која појасни дека ќе поднесе обвинение за јавен обвинител, и да нема сомнеж, ако излезат докази за вмешаност и на друг јавен обвинител, дека таа повторно ќе поднесе обвинение.
За Фросина Ременски рече дека се предложени се мерки за претпазливост, одземање на патна исправа, забрана за напуштање живеалиште и еднаш неделно да се јавува во судот, на прашање дали ќе се бара одземање на имунитетот со оглед на тоа што таа е функционер.
Јасна Мандиќ е една од осомничените во новата истрага за „Рекет“ што денеска ја отвори Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Истражната постапка ќе се спроведува против пет физички лица и едно правно лице.
Покрај Мандиќ, меѓу осомничените е и Фросина Ременски почесна претседателка на невладината на Боки 13 и функционерка од СДСМ за која Обвинителството бара да и биде одземен пасошот или редовно да се појавува во судот.