Проширување на ЕУ до 2030 година ќе биде можно доколку земјите кандидати за членство бидат подготвени за членство до тој датум, смета холандскиот премиер Марк Руте.
„Не се согласувам многу со тој датум. Прашањето не е кога земјите ќе бидат подготвени. Прашањето е дали земјите ќе бидат подготвени“, изјави Руте, коментирајќи ја целта за проширување на ЕУ во 2030 година, што ја постави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Според Руте, проширувањето е макотрпен процес, кој бара кандидатите за членство во ЕУ да се усогласат со законодавството на Унијата за да можат да пристапат во блокот.
„Не треба да има апсолутно никакви исклучоци кога станува збор за исполнување на условите на ЕУ за зачленување“, додаде Руте.
Холандскиот премиер смета дека од аспект на проширувањето важно е и прашањето дали ЕУ е целосно подготвена да прифати нови членки.
„ЕУ веќе има 27 земји членки и ако се приклучат уште земји, тогаш донесувањето одлуки и секакви други работи ќе стане уште покомплицирано“, оцени Руте.
Прашањето за реформи на ЕУ пред следното проширување веќе извесен период е меѓу главните теми во Унијата, особено во врска со процедурите за носење одлуки, буџетот на блокот, санкционирањето за прекршувањата на принципите на владеење на правото, како и идејата за „постепена интеграција“ на кандидатите за членство уште пред нивниот прием.