Руте: Трамп ќе му биде потребен на НАТО ако биде избран за претседател на САД

од Nikola Popovski
104 прегледи

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп ќе му биде потребен на НАТО доколку биде избран за претседател на Соединетите Американски Држави (САД), изјави денеска генералниот секретар на НАТО Марк Руте.

Како што рече, САД ризикуваат изолација доколку Трамп одлучи да се повлече од НАТО, пренесува „Гардијан“.

По средбата со премиерот на Велика Британија Киер Стармер и со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Лондон, Руте рече дека верува оти и Трамп и неговата демократска ривалка Камала Харис ја препознаваат важноста од континуираната воена помош за Украина.

Новиот генерален секретар на НАТО, кој ја презеде функцијата пред 10 дена, одговори и на загриженоста на Трамп дека нивото на трошоците за одбрана во Европа ќе треба да се зголеми, што укажува дека може да се постави нов процент на трошоци од 2,5 или три проценти бруто домашниот производ.

„Издвојувањето сега е на два проценти од БДП, но тоа очигледно не е доволно и треба да направиме повеќе“, посочил тој.

Во интервју за „Гардијан“, Руте рекол дека не е загрижен за Трамп или Камала Харис, додавајќи дека поранешниот претседател на САД е „некој кој сака да ги брани САД“ и дека за тоа му треба членство во НАТО.

„Без членство во НАТО, тој е сам, а во суровиот, бескомпромисен свет, му треба сојуз“, посочил Руте.

„Гардијан“ потсетува дека Трамп долго време е скептичен кон НАТО и нагласил дека САД премногу придонесуваат во споредба со Европа, а во еден момент од неговото претседателствување во 2018 година, наводно размислувал да ја напушти Алијансата.

Во март, сепак, Трамп истакна дека ќе остане во НАТО се додека европските земји „играат фер“ и не го „искористат“ високото ниво на издвојување на САД за одбраната.

Слични содржини